
На денешниот протест на оризопроизводителите од кочанско, беше повикан и Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство да излезе на терен и да се запознае со проблемите на земјоделците. И покрај тоа што го чекаа два часа, тој не се појави, за потоа на прес – конференција да истакне дека за производителите на бело злато во последните неколку години е направено многу. Николовски истакна дека се горди како Влада за направеното во оризопроизводството.
„Една од моите први средби беше во Кочани, го викнавме градоначалникот, тој не дојде. Ги повикавме сите оризопроизводители, претставници, имавме конструктивна дебата, предлози, идеи. Ние се гордееме што во делот на оризопроизводството како Влада донесовме програма во која најголемото зголемување на субвенициите е во оризопроизводството. Тоа е за да го заштитиме тоа македонско бело злато и да дадеме поддршка на оризопроизводителите“, рече Николовски.
Николовски истакна дека ги знаат проблемите на произведувачите на бело злато и дека е излезено во пресрет на барањата во рамки на можностите. Дали дополнително ќе им се помогне на овие земјоделци и дали ќе се излезе во пресрет на нивните барања, Николовски не соопшти, посочувајќи го само направеното досега.
Ребека Спасова М-Нет