
Реконстуирани улици и патишта, вложување во проекти за чиста вода за пиење како и реализација на долгогодишната желба на делчевчани да добијат затворен модерен пазар. Министрите Николовски, Бочварски и Шукова денеска во посета на Делчево извршија увид во капиталните проекти помогнати од Влада и ресорните министерства. Со речиси 800 илјади евра на територија на Делчево се реконстуираа дел од улиците кои беа уништени во последната поплава.
„Извршивме реконструкција и рехабилитација на улицата Царевоселска, Голачка, Јане Сандански и Иво Лола Рибар како и на оштетениот мост на влезот во Делчево. Министерството вложува над 780 илјади евра за Општина Делчево“ – вели Бочварски.
Завршен е и проектот преку кој Делчево добива чиста вода за пиење вреден околу девет милиони евра. Како што посочи Шукова станува збор за еден од најголемите проекти реалзирани во истокот од државата.
“Проектот за третман на водите во Делчево е повеќегодишен проект кој се реалзира на билатерален договор. Финансиската конструкција на проектот е приближно девет милиони евра“ – вели Шукова.
Во Делчево се отвори и новиот затворен модерен градски пазар со што се работеше на остварување на една од најголемите желби на граѓаните. Сега во зимски услови пазарот е во подобри услови и за продавачите и за купувачите.
„Граѓаните на Општина Делчево за првпат во историјата на градот добиваат модерен и современ затворен пазар, инвестиција поддржана од Владата. Изградбата на овој капитален проект беше децениска желба и реална потреба на граѓаните на Делчево и ми е драго што во 2023 година пазарот беше пуштен во функција“ – вели Николовски.
Капитални проекти се веќе планирани и за наредната тековна 2024 година, потенцираше градоначалникот Трајковски. Вели ќе се работи на уредување на речното корито, каналот како и реконструкција на низа улици и тротоари.
Лаура Стојанова М-Нет