
За само два месеци четири помали штипски конфекции ставија клуч на врата, со што без работа остануваат околу 130 вработени. Причината за нивното затворање е немање на налози од странските партнери, а дел од брендовите заминаа, односно своето производство го преселија во Египет, Мароко или во други земји, истакна Ампева. Таа посочи дека во една од конфекциите самите работници си потпишале спогодби со работодавачот, наместо да не потпишат ништо, со што би имале право на испратнина и се она што им следува согласно Законот за работни односи.
-Во останатите фирми имаше за жал примери каде што работодавачите, сметаа дека така ќе ги затворат фирмите, една од нив должеше една плата, другите должеа две плати. Мислеа дека така ќе си поминат и ќе ги затворат фирмите. Меѓутоа ние тоа навремено го стопиравме тоа, благодарение на двете иснпекторите од областа на трудот од Штип платите се исплатени. Значи нема да биде типичен пример на она се затвараат фирми, работниците остануваат без неколку плати. Ние овде успеавме да се исплатат, вели Ампева.
Ампева истакна дека засега не е голем бранот на затворање на текстилни конфекции, какошто го најавија дел од работодавачите, а ова се случува поради инфлацијата и помалата потрошувачка моќ на граѓаните од ЕУ, кои и помалку купуваат облека. Таа упати апел до работниците, кога се затвора фирмата да не потпишуваат апсолутно ништо, бидејќи фирмата се затвора од деловни причини и имаат право соодветно да им биде исплатена испратнина, согласно нивниот работен стаж.
Од друга страна Ампева додаде дека има текстилни компании кои имаат и зголемен обем на работа и освен што бараат работници најавиле и зголемување на платите.
Лаура Стојанова М-Нет