
Бројот на срцеви удари е за трипати зголемен по ковид-пандемијата, вели началникот на Одделението за кардиологија при КБ Штип, Сашко Николов. Зголемен број на срцеви удари покажуваат и анализите на македонските кардиолози, но и на европските и светски здруженија.
„Да речам, срцевите удари се зголемени за трипати повеќе од претходно. Инфаркти на белодробието – ако сме имале по 20 пациенти годишно, сега имаме по 15 месечно, тие што ги евидентираме и нотираме. Инфаркти на долни екстремитети и заболувања на крвните садови на нозете – четирипати повеќе. Мозочни инфаркти кај млади луѓе зголемени по петпати“, истакна Сашко Николов, началник на Одделение за кардиологија при КБ Штип.
Николов посочува дека како што одминувала пандемијата сфатиле дека вирусот навлегува преку респираторните патишта, но цел на напад му се мускулестите делови на крвните садови. Тој вели дека прашање на време е кога ќе се видат последиците кај оние кои имале ковид-инфекција.
„Сега влегуваме во пост-ковид период, каде што кардиолозите, за жал, ќе имаме сѐ поголем број на пациенти коишто ќе имаат васкуларни заболувања. Не само срцеви, зборуваме и на аорта, на долни екстремитети, на нозе, на раце. Голема е бројката и кај невролозите, особено кај популацијата од 25 па нагоре, мозочни удари кај млади луѓе. Тоа е резултат на ковид-инфекција врз крвните садови. Многу често викаме поминав ковид, ама немав симптоми. Ти си поминал ковид, немаш симптоми, меѓутоа антигенот од ковидот веќе е закотвен во крвниот сад. Прашање на време е кога тоа ќе почне да прави воспаление, реакција“, додава Николов.
Според Николов, ковид-инфекцијата нѐ доведе до состојба да сфатиме колку знаеме за новите болести, кои се комбинација од заболување, вируси што напаѓаат повеќе системи истовремено.
Ребека Спасова М-Нет