Неподнослива бучава од моторите во доцните часови, знак за некултура или тренд кај младите?

Започнува сезоната на се почесто возење мотоцикли по улиците, а со тоа и возењето во доцните часови. Вистинска сензација претставува за моторџиите, но за граѓаните ова отвора дополнителни проблеми во низата. Со тоа доаѓа до израз девијантното однесување на младите кое е мета на остри реакции од граѓаните. Возењето после 22:00 часот го нарушува јавниот ред и мир. Ова е став кој анкетираните штипјани за М-Нет телевизија едногласно го кажаа.

„Тие мотори треба да се земат и да се затворат во полиција и да не се пуштат веќе по улици. Вчера баш овоа време еден дечко на задно тркало, само едно трркало од судо до „Пролече“ на едно тркало предното наред, задното само возе. Али тоа треба да се укине. Ноќеска, јас сум до медицината, не се спие од нив 12-1 саато. Каква мода тоа е се некултура, јас некултурата повеќе ја наоѓам кај родитело не кај детето. Детето гледа по негово да си биде ама родитело треба да размисле малку. Па лудуват, треба некои санкции да се преземат, ја мислам кациги, опрема на малолетни лица да не се дава да се возе. Прво некултура, второ културата на нивните родители се одразува на нивните деца. Па нема, ретко пошто јас живеам во Германија таму нема вака, таму се знае кој вози мотор, кацига.“ – велат граѓаните.

Може да се воочи дека ваквата ситуација е проблем уште многу одамна, со тоа што се предизвикува врева која е неподнослива за старата популација. Носењето кацига е задолжително за возачите на велосипеди со помошен мотор, мопеди и мотоцикли, но граѓаните сведочат за моменти кога виделе дека се вози и на само едно тркало. Ова е доказ дека можат да се случат посериозни последици по здравјето на младиите.

„Затоа многу лошо не се спие. Не е една година или две шо ќе биде јас не знам. Во Бриони не можеш да се прошеташ, шо да ти кажам ништо. Тие ауспуци да се извадат и тоа е нека си возат нормално, или на шести нека оде нека се трка. Лошо е ногу брчат, ногу лудуват. Ама важно лошо е шо возат, ние настрана живееме горе сме височкото ама кај нас нема моторџии, нема такви бучави.“ – додаваат граѓаните.

Причината за оваа појава поголем дел од штипјани ја сметаат како одраз на нивната некултура. За да се надмине ова девијантно однесување сметаат дека треба да се преземат соодветни мерки а во некои случаеви и казни.

Од СВР Штип посочуваат дека постојано се на терен и се санкционираат сите непочитувања во сообраќајот.Апелираат до возачите на мотоцикли да бидат одговорни, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел побезбедни патишта.

Лаура Стојанова М-Нет