Црни вреќи, кутии, ѓубре околу наместо во подземните контејнери, од ЈП „Исар“ апелираат граѓаните да бидат совесни

Две недели по поставувањето на подземните контејнери во центарот на Штип, сликата на терен далку од задоволителна. Вреќи полни со ѓубре, кутии, хартија оставени околу контејнерите наместо во нив. Со тоа се руши амбиентот и сликата во ценатрот на градот, а се загадува и животната средина. Од ЈП „Исар“ велат дека и кај нив секојдневно пристигнуваат слики од ѓубрето околу подземните контејнери и апелираат граѓаните да бидат совесни и одговорни.

„Морам да бидам бритално искрен, оти тоа што ние го забележуваме и опокрај многубројните апели е дека ѓубрето е околу контејнерите. Подземните контејнери се поставени за да се понуди нов начин на изѓубрување, но сведоци сме дека и правните субјекти и дел од физичките лица наместо во подземните контејнери ѓубрето го оставаат околу нив.“ – вели Зајков.

Зајков посочува дека веќе се во соработка со комуналниот инспектор при Општина Штип и се пишуваат опомени на физички и правни лица кои ѓубрето го оставаат околу контејнерите. Но, дециден е дека ако продолжи ваквата ситуација и понатаму ќе следуваат соодветни казни.

„Ние веќе во соработка со општинскиот комунален инспектор работиме на терен. Во прва фаза одиме со опоменување на сите граѓани, но наредната фаза ќе биде казнување и на граѓаните и на еконосмските опертори, бидејќи неосвесното однесување го нарушуваат амбиентот во кој живееме сите ние“ – вели Зајков.

Првите три подземни контејнери во Штип се поставени кај Безистенот со цел на поинаков начин да се собира ѓубрето, да нема непријатна миризба, а да не можат ниту кучињата да го носта ѓубрето. Согласно програмата на општината предвидено е подземни контејнери да се постават уште на две локации во градот.

Лаура Стојанова М-Нет