Неискосена трева и полни контејнери – жителите од село Крупиште со реакција, надлежните на терен

Неискосена трева, ѓубре кое не се собира со недели – жителите од село Крупиште реагираат на ваквата состојба во селото во која живеат подолг временски период. Велат дека многупати до сега реагирале до надлежните во Општина Карбинци, ама решение на виделина нема. Ѓубрето стои несобрано на главниот пат, тревата не искосена. Стравуваат за сопствената, и безбедноста на нивните деца бидејќи како што велат живеат во близина на депонија. Апелираат надлежите да излезат на терен и да ги решат проблемите со кои се соочуваат овдешните жители.

„Да дојде да виде нашите улици и патишта какви се. Ѓубрето кај црквата стое, кај чешмата стое, редвно не доаѓаат. Во селото има проблем, ѓубрето не се носи редовно. Бетер од Скопје станавме.“ – велат жителите.

За реакцијата од страна на граѓаните се обративме и до Општина Карбинци. Градоначалникот, Виктор Паунов во телефонски разговор за М-Нет телевизија посочи дека екипи се на терен и работат во собирање смет од сите населени места. Општината заедно со КЈП Плачковица со сопствените ресурси со кои располагаат работат на терен, вели Паунов. Додава дека сметот се собира рамноправно во сите населени места.

Претходниот период Општина Карбинци доби и ново возило за собирање смет со кое треба да се собира сметот и од подплачковичките села.

Лаура Стојанова, М-Нет