
„До каде е изградбата на затворениот штипски базен?“ прашаа денеска на прес – конференција на од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип. Од таму додаваат дека затворениот базен требаше да биде готов уште претходната година, но и ден денес местото стои празно и нашуштено. Според нив, ова е еден од многуте неисполнети ветени нивни проекти, како што се ненаправената жичара и аквапарк во Штип
„Со договор од 7.2.2020 година и дозвола за градба од 12.2.2020 година е започната изградбата на затворен базен во Штип со утврден рок за завршување на проектот од 18 месеци. ВМРО – ДПМНЕ во тој период излезе со став дека ваков минијатурен објект за град со над 50.000 жители е чист популизам, особено што почнува да се гради пред самите избори. Дел од штипската јавност беше скептична и сметаше дека затворениот базен тешко ќе го види светлото на денот, имајќи ја предвид ажурноста на актуелна влада во реализација на проекти од капитално значење, жичара, аква парк итн.“
Тие обвинуваат на неажурност и неодговорност на актуелната Влада предводена од СДСМ, којашто само ветува, а не исполнува. Истовремено, јавно упатуваат неколку прашања кон Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
„По 28 месеца, го прашуваме Благој Бочварски и надлежните институции: дали се исплатени парите на граѓаните во износ од фантастични 600.000 илјади евра на изведувачот?; доколку се исплатени, зошто базенот во Штип е нефункционален?; до кога СДСМ преку одговорните на институциите ќе се однесува неодговорно, неажурно и манипулативно кога се во прашање ветени, отпочнати и нереализирани проекти на штета на граѓаните?.“
На ова од СДСМ Штип реагираа дека преку централна власт предводена од СДСМ, како никогаш досега се инвестирало во изградба на нова модерна инсфраструктура, канализации и водоводи, локални улици и патишта.
„Откако ВМРО ДПМНЕ и градоначалникот Јорданов се покажаа како тотално неспособни, пробуваат на секаков начин да ја дефокусираат јавноста од нивното неработење. Изгледа, ДПМНЕ живее во некој паралелен универзум, затоа што во Штип со помош на централната власт предводена од СДСМ како никогаш досега се инвестира во изградба на нова модерна инфраструктура, канализации и водоводи, локални улици и патишта.
Освен со распродажба на имотот на Општината и задолжувањето со 100 милиони денари кои ќе ги исплаќаат идните генерации, ВМРО ДПМНЕ не направи ништо за Штип. Граѓаните на Штип паметат дека во 11-годишното владеење на ВМРО во минатото еден денар инвестиција немаше за нови проекти.“ – реагираат од СДСМ Штип
Посочија на нивни реализирани проекти: реконструкција на улицата Панче Караѓозов, крстосницата од населба Сењак, распишан тендер за реконструкција на улиците 5ти Конгрес, Браќа Даневи и Солидарност, започната изградба на брана на р.Отиња, реализација на проектот за водоснабдување за населбите Македонка, поврзувањето со ХС Злетовица и други проекти.
Ребека Спасова М-Нет