„Не лути се човече“, шах – забавен парк ќе се постави кај паркот Пролет во Штип

Шах, „не лути се човече“, „икс – точка“ и многу други игри ќе може да се играат во новиот забавен парк Пролет во Штип. Активностите за изградба на забавниот парк веќе започнаа и се очекува да биде завршен за две недели. Градоначалникот, Иван Јорданов, посочи дека летниот период освен забавниот парк, ќе се постават детски катчиња во неколку населени места во градот. За ова општината издвои нешто повеќе од пет милиони денари од сопствениот Буџет.

„Овде се започнати активности за изградба на еден забавен парк веднаш до постоечките детски реквизити. Станува збор за една содржина која верувам дека ќе ги анимира најмладите затоа што летните месеци се вистинска причина да се создадат детски катчиња, преку кои тие ќе се анимираат. Освен оваа содржина се предвидува во неколку населби да се изградат детски катчиња во Железничка, Балканска, Чардаклија…“ – вели Јорданов.

Во оваа прилика Јорданов повторно упати апел до граѓаните, пред се до помладите да не го уништуваат она што се поставува на јавна површина. Детските катчиња се за граѓаните и во нивен интерес и затоа треба да се чуваат – дециден е градоначалникот. Апелира родителите повеќе да работат на свеста на нивните деца.

„Мора да се работи и на подигање на јавната свест. Целата урбана опрема која се поставува на јавна површина е во интерес на граѓаните и треба да се чува. Упатувам апел и во оваа прилика дека сето она кое ќе се изгради, рационално да се користи.“ – додава Јорданов.

Она што се прави и се поставува е согласно програмата за развој на градот и тоа се навремено одржува од страна на надлежните. Ако се чува и од страна на граѓаните ќе може рационално и подолго да се користи вели Јорданов.

Лаура Стојанова М-Нет