Најдобриот стрелец на Саса заминува: Сашо Дуков кариерата ја продолжува во нов клуб!

ФОТО: Телевизија М Нет

Еден од најдобрите играчи на второлигашот Каменица Саса, но и најдобар стрелец за клуб во изминатата сезона, Сашо Дуков си заминува од клубот и кариерата ќе ја продолжи во нов клуб.

29-годишникот во Саса пристигна од редовите на Силекс во јануари 2023 година, прво како позајмен играч од кравотскиот прволигаш, а потоа со целосен трансфер. Изминатата сезона Дуков беше столбот во играта на Саса, на 24 одиграни натпревари постигна десет погодоци, а беше и најзаслужен за опстанокот на Саса во Втората лига, откако „рударите“ во последното коло го потврдија опстанокот.

Пред Дуков е предизвик каде ќе ја продолжи кариерата, интересот за него е голем, а како што дознава телевизија М Нет, Дуков веќе е во сериозни преговори со нов клуб и во следниот период ќе биде познато каде тој ќе ја продолжи кариерата.

Во минатото Дуков покрај за Саса настапуваше и за Пелистер, Росоман, Вардар Неготино, Тиквеш, кичевски Напредок, Кожуф, а имаше и меѓународна кариера настапувајќи за ОФК Београд од Србија.

Александар Ванев, М-Нет