
Најавена комплетна промена на нас. Железничка. Откако пред неколку дена се ставаше тампон и земјен слој на три улици во населбата Горна Железничка, а времето за асфалтирање не послужи, денес конечно улиците добија асфалт. Во работната акција учествуваа и јавните претпријатија, кои со своите викенд – акции во рамки на надлежностите чистеа и го променија јавното осветлување.
„Како што најавивме, денес започнуваме со улиците во нас. Горна Железничка, но исто така заедно со јавните претпријатија пристапивме кон дополнително уредување на другите проблеми и потреби со коишто се соочуваат граѓаните од оваа населба. Во претходните неколку денови го променивме уличното осветлување, денес се санираат улиците, се чисти и се отстрануваа дивите депонии во оваа населба со цел подобрување на моменталната инфраструктура и на задоволство од граѓаните и жителите од оваа населба“, истакна Јорданов.
Со завршувањето на градежната сезона овде завршува и асфалтирањето на улиците во населбата. Меѓутоа, градоначалникот најави дека напролет ќе се преземат активности со цел ниту една улица да не остане во кал.
„Она коешто сакам да го најавам во оваа прилика е дека по асфалтирањето на овие улици, за останатите краци коишто ќе останат неасфалтирани планираме напролет да распишеме јавен повик за да бидат асфалтирани сите улици и краци во населба Железничка кои се во кал и прашина“, најави Јорданов.
Освен ова, Јорданов најави и решавање на долгогодишниот проблем на жителите од оваа населба, проблемот со канализацијата. И ова согласно со околностите би требало да биде решено најдоцна до пролет наредната година.
„Исто така и ќе го решиме долгогодишниот проблем со канализацијата којшто е наше предизборно ветување. Тоа е нешто со кое пред избори се манипулираше населението од оваа населба и како што можетр да забележите, овде има потреба од завршување на овој проект за којшто сум убеден дека напролет ќе успееме да го финализираме и реализираме“, додаде Јорданов.
Јорданов заклучи дека активностите кои се спроведуваа денес, чистењето, уредувањето и реконструкцијата на улици е со цел подобрување на инфраструктурата во населбата. Градежните активности, еколошите акции и воопшто активностите кои ќе се спроведуваат напролет треба да донесат промена на нас. Железничка во полза на тамошните жители.
Ребека Спасова МНет