Промовирана книгата „Доктор детектив“ на Владимир Панев

Промовирана книгата „Доктор детектив“ од Владимир Панев и д-р Тим Гаул. Истата е наменета за студентите на медицина и е напишана со цел да ги прикаже основите на “Клиничко резонирање” – гранка која е во тренд и на врвните универзитети е воведен како регуларен предмет, а се користи и во врвните клиники.

„Ние заедно напишавме книга којашто се вика „Доктор детектив“ и ги опфаќа темите на клиничкото расудување. Во книгата се опишани стратегии и принципи на поставување дијагноза, нешто што на запад е како регуларен предмет и се користи на врвните клиники за поставување тешки дијагнози“, истакна Панев.

Владимир Панев е студент на шеста година на Факултетот за медицински науки во Штип, а д-р Тим Гаул е токсиколог од САД, семеен лекар и едукатор на специјализанти во неговата област со над 30 години искуство во лекување на пациенти. Заедно комплетирале публикација која ќе биде корисна пред сѐ за студентите кои студираат медицина, како и за младите лекари, кои се таргет популација. Истите книгата можеа да ја купат на промоцијата, но и во местата каде таа ќе се продава или издава.

„Околу две години ја пишувавме книгата и ова е моја прва книга која успеавме да ја издадеме после толку труд. Истата може да се купи во книжарница „Мист“ и во новоотворената медицинска библиотека“, додаде Панев.

Промоцијата се одржа вчеравечер во фоајето на НУ-ЦК „Ацо Шопов“ со почеток од 17:00 часот. На истата присуствуваа студенти, лекари и други гости, како и Градоначалникот на Општина Штип.

Ребека Спасова МНет