
Помош за основните, средните училишта и јавните претпријатија во ек на енергетска и економска криза обезбеди Владата на вчерашната седница. Како што соопшти и премиерот Ковачевски од Делчево, тие до 1 декември ќе имаат можност да склучат договор со ЕСМ продажба за набавка на електрична енергија по цена од 95 евра за мегават час.
„Во оваа тешка зима им помагаме и на основните и средните училишта, и тука во Делчево, и низ целата држава. За нив обезбедуваме поевтина електрична енергија по цена од 95 евра за мегават час. Можност за снабдување со електрична енергија преку ЕСМ продажба по цена од 95 евра за мегават час обезбедуваме и за јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето. Со тоа ќе обезбедиме нормално да може да функционираат сите оние претпријатија коишто го снабдуваат нашето население со вода за пиење“, истакна Ковачевски.
Од одлуката, генерално, задоволни се и општините и институциите под локална самоуправа за кои се обезбедува помош. Штипскиот градоначалник, Иван Јорданов, вели дека нивните барања биле да влезат на регулиран пазар за да имаат предвидени трошоци. Со одлуката трошоците, секако, ќе бидат поголеми, но барем може да се планираат.
„Компаративно со годините во минатото, ние дефинитивно ќе имаме зголемени трошоци за електрична енергија во сите институции под Локална самоуправа, вклучувајќи овде училиштата и јавните претпријатија. Нашите барања беа да влеземе на регулиран пазар, а со тоа да имаме предвидени трошоци. Поволноста е тоа што со ваквата одлука ќе имаме планирани трошоци, а инаку од аспект на финансиски издатоци, секако ќе имаме зголемени трошоци. И во вакви услови, електричната енергија е со повисока цена од онаа којашто се плаќала во минатото. Доброто е тоа што ќе имаме можност да ги испланираме трошоците“, истакна Јорданов.
Според Владата, ваквите одлуки од вчерашната седница, се со цел да не се зголеми цената на водата, а образовниот процес да не трпи од тековната криза.
Ребека Спасова М-Нет