Над 80 ученици во неизвесност – ќе има ли слободни места за нив во ДСД „Браќа Миладиновци“ Штип

Над 80 ученици се ставени на листа на чекање за прием во Стидентскиот дом „Браќа Миладиновци“ во Штип. Со почетокот на учебната година сместени се околу 95 средношколци, но се чека конечната листа и од студентите чии упис е од 20 септември до 1 октомври. Директорот, Јордан Насев вели дека ситуацијата е алармантна, бидејќи голем дел од учениците не се од Штип.

„Согласно уписниот рок кој беше до 15 јули кај нас имаме 180 ученици, од кои 95 се сместени во неделата на 1 септември и заклучно со 2 сите места се пополнети. Останатите околу 85 ученици се ставени на листа на чекање. Очекуваме деновиве да излезе и официјално резултатите од студентите од кои се условени и приемот на останатите ученици.“ – вели Насев.

Алтернативно решение е дел од студентите да се сместат во приватните студентски домови, вели Насев. На тој начин сите ученици и студенти кои не се од Штип ќе имаат соодветно сместување со цел да може да го продолжат своето образование.

„Понудивме на Министерството алтернативно решение. Во Штип имаме и два други приватни домови кои располагаат со близу 120 легла. Официјално тие се пополнети многу малку па дел од студентите кои имаат аплицирано во нашиот студентски дом да бидат прераспределени во овие приватни студентски домови.“ – додава Насев.

Студентите плаќаат 3410 денари за сместување во домот Браќа Миладиновци, а исто толку плаќа и Министерството за образование и наука.

Лаура Стојанова М-Нет