
Над 100 шахисти вчера во Штип беа дел од Првиот меѓународен турнир во забрзан шах „Штип Опен, 2024“. Учесници од Македонија, Грција, Србија, Бугарија, Косово, Норвешка играа по девет кола по швајцарски систем , според ФИДЕ правилата за забрзан шах. Станува збор за турнир кој е пријавен во Светската шаховска федерација, па право на учество имаа само шахисти со ФИДЕ код и секој што победува добива и меѓународни поени.
„Станува збор за рапид турнир, десет минути има секој учесник и добива пет секунди за секој повлечен потег. Имаме учесници од шест држави, вклучувајќи ја и нашата, пријавени се 110 учесника, меѓу кои имаме осум велемајстора, десет интернационални мајстори и десет ФИДЕ мајстори. Просечниот рејтинг на турнирот ни е 1905, што воопшто не е за потценување“, вели Емил Насев, претседател на ШК „Нов напредок“ – Штип.
Парични награди беа предвидени за првите десет места. За првото место награда од 45.000 денари, за второто 30.000 денари, а за трето 20.000 денари. За десеттото место наградата беше 1.000 денари. Специјални награди од по 1.500 денари имаше и за најдобро пласиран штипски шахист, најдобро пласиран млад играч до 18 години, најдобро пласирана шахистка и најдобро пласиран шахист над 65 години. Финансиски Меѓународниот турнир го поддржа штипскиот Ротари клуб.
„Се гледа убава енергија, расположени учесници, така што им посакуваме добри моменти и убава енергија да се чувствува во текот на целиот натпревар. Учествуваме на турнирот финансиски, во обезбедувањето на финансиските награди затоа што е сериозна конкуренција, учествуваат повеќе велемајстори од повеќе земји. И наградите ја одредуваат тежината и сериозноста на турнирот, така што ги обезбедивме наградите“, вели Дарко Едровски од Ротари клуб – Штип.
Според официјалната ранг листа за „Штип Опен, 2024“ на првите две места застанаа штипски шахисти, Милош Перуновиќ и Иван Иванишевиќ, а на третото место е норвешкиот шахист Евгениј Романов. До десеттото место се наоѓаат уште четворица Срби, еден шахист од Косово, еден од Бугарија и еден Македонец.
Ребека Спасова М-Нет