Над 100 милиони денари за касарната во Штип: Мисајловски најави нов бран инфраструктурни проекти

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска ја посети касарната „Јане Сандански“ во Штип, каде што беше промовирана целосната реконструкција на објектот 35, инвестиција вредна 33,7 милиони денари. Тој истакна дека Владата продолжува со интензивни вложувања во модернизацијата на армиската инфраструктура, при што само во касарната во Штип ќе бидат инвестирани повеќе од 100 милиони денари.

„Имаме уште една можност да промовираме нов проект. Гледате дека последните недели постојано промовираме нови проекти и насекаде е раздвижено во касарните, во низа на овие проекти. Тука во касарната во Штип може да видите еден преубав реконструкран објект. Се работи за целосна обнова, целосна реконструкција на објектот 35 тука во касарната во Штип, инвестиција од 33,7 милиони денари. Ова значи дека целосно ги променуваме состојбите во сите касарни. Ова ќе биде постојано низ годините, оваа слика постојано ќе ја гледате. Ако пред 6 месеци имавте можност сите да видите дека овој објект до мене целосно беше реконструиран, сега сме сведоци на уште еден објект. Значи, над 1.000 квадрати реконструирани каде што навистина ќе, со многу убави услови, ќе може да се одвива функционалноста на на касарната. Но, не застануваме тука.“- Изјави Владо Мисајловски

Мисајловски најави и нови проекти, меѓу кои реконструкција на покривот на војничкиот ресторан и адаптација на нови хангари. Според него, во оваа и наредната година ќе бидат вложени повеќе од 12 милиони евра во капитални инфраструктурни проекти за македонската Армија.

„​Во овој момент преку 100 милиони денари ќе потрошиме само во касарната во Штип, односно тоа се пари на граѓаните во проекти само за модернизација во касарните, односно директно за македонската војска. Веќе е потпишан договорот и за промена на покривот во војничкиот ресторан. Исто така работиме на промена на и адаптација на нови хангари, исто така за различни фази тука да ги промениме. Но, она што може да го видите позади мене е целосна реконструкција на објект каде што сите фази се запазени. Гледате, нова фасада, целосна нова електрика, сите фази се опфатени, нови тоалети и така натака. Таа слика мора постојано да се случува и јас еве ветувам овие години, овие веќе две години, дека ќе бидат секој ден подобри во армијата и тоа навистина се случува. Продолжуваме понатака, за брзо време ќе видиме и во други касарни еве тоа што се случува. Но, драго ми е што повеќе од 12 милиони евра ќе вложиме во оваа и наредната година само за капитални проекти во инфраструктурата.“- додаде Мисајловски

Мисајловски најави дека во наредниот период ќе бидат промовирани уште многу нови проекти, нагласувајќи дека паралелно со модернизацијата на Армијата се инвестира и во капиталната инфраструктура.

Дајана Сандева, М-Нет