Набавки што не се користеле 15 години, неправилности со имотот и платите – ревизорите открија пропусти во Железници

Државниот завод за ревизија утврдил бројни неправилности во финансиското работење и управувањето со имотот на ЈП „Железници на РСМ – Инфраструктура“ за 2024 година, поради што изразил неповолно ревизорско мислење.

Ревизорите откриле дека дел од набавените материјални средства не се искористени цели 15 години, дека постојат слабости во планирањето и изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8, како и неправилности во управувањето со недвижниот имот, исплатата на плати и евиденцијата на трошоците. Во извештајот се предупредува и на застарена, недоволно одржувана и делумно нефункционална железничка инфраструктура, како и на долгогодишни загуби во работењето на претпријатието.

„Со извршената ревизија, изразивме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики. Извршена е ревизија и издаден е извештај за финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност со закони и прописи за 2010 година, при што овластениот државен ревизор изразил мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики.

Во 2013 година, извршена е проверка на преземените мерки по дадените препораки содржани во Конечниот извештај на Овластениот државен ревизор за 2010 година, при што утврдено е дека од вкупно дадени 10 препораки, 2 препораки се спроведени, една е делумно спроведенa и во тек е спроведувањето на 7 препораки.

Со извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност кај ЈП ЖРСМ Инфраструктура Скопје за 2024 година, ги утврдивме следните состојби:

– дел од материјалните средства во подготовка се набавени пред 15 години и никогаш не се искористени, што укажува на користење на јавни средства за
неоправдани вложувања, како и несоодветна сметководствена евиденција на материјално средство во подготовка, поради што истото не е прикажано како
градежен објект;

– неправилности во начинот на управување и евидентирање на залихите на суровини, материјали, резервни делови, ситен инвентар, амбалажа и авто
гуми;

– не се исполнети условите за класификација на градежни објекти како средства наменети за продажба, поради што истите нереално се прикажани
во Билансот на состојба, а не се признаени ниту соодветни трошоци за амортизација;

– пописот на средствата и обврските не е спроведен во целост и на начин уреден согласно Правилникот за вршење на попис;

– неусогласеност помеѓу донесените сметководствени политики и евидентираните сметководствени настани;

– недостаток на системски и аналитичен пристап и недоволна подготвеност при планирање, првично проектирање, градење и реконструкција на
делниците 1 и 2 од источниот дел на железничкиот Коридор 8;

– во периодот предмет на ревизија не била донесена Национална програма за развој на железничка инфраструктура и не бил склучен петгодишен договор за дадените средства – стимулација за намалување на трошоците за инфраструктурата, додека воопшто не е изработен петгодишен план за
одржување на железничката инфраструктура како збир на сите дејствија за тековно и инвестиционо одржување на истата;

– не e запишано правото на сопственост/користење на земјиштето и инфраструктурните објекти, кои јавното претпријатие ги користи за вршење
на својата дејност; – слабости во примената на законската и подзаконската регулатива во делот на работните односи, пресметката и исплатата на плати и надоместоци, како и во управувањето со човечките ресурси и пополнувањето на работни места;

– слабости во управувањето со недвижниот имот на претпријатието и непочитување на законската регулатива при издавањето под закуп на
становите, како и при утврдувањето, евидентирањето и следењето на наплата на побарувањата за закупнина;

– недостаток на соодветна евиденција за поминати километри на службени возила, како основ за пресметка и следење на просечна потрошувачка на
горивото по возило и

– несоодветно воспоставена единица за внатрешна ревизија.

За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

Во делот на Нагласување за прашања ревизијата обелоденува за:

– состојбата на обврските по земени долгорочни заеми од меѓународни финансиски институции за финансирање на активностите во делот на рехабилитација, изградба на нова и реконструкција на постојната железничката инфраструктура;

– измена на Решение за реконструкција на постојната железничка станица во Гевгелија и

– судските постапки пред надлежните судови, каде ЈП ЖРСМ Инфраструктура Скопје се јавува во својство на тужена страна и тужител.

Во делот на Клучни ревизорски прашања, известуваме за застарена, недоволно одржувана и делумно нефункционална железничката инфраструктура, како и за остварените загуби од работењето на претпријатието во подолг временски период.

Од страна на директорот на ЈП ЖРСМ Инфраструктура Скопје, доставени се забелешки по Нацрт извештајот на Овластениот државен ревизор, истите се
разгледани и констатирано е дека во најголем дел претставуваат известувања за причините кои довеле до утврдените состојби, мерките кои се преземени и ќе се преземат во идниот период за надминување на состојбите или забелешките не се прифатени од причина што не се доставени нови докази за промена на утврдените состојби“, велат од Државниот завод за ревзија.

Текстот Набавки што не се користеле 15 години, неправилности со имотот и платите – ревизорите открија пропусти во Железници е превземен од МАКФАКС.