На една рака се бројат занаетите кои „климаво“ опстојуваат во Штип

Чевлар, часовничар, грначар, шивач и многу други занаети од кои во минатото се живеело денеска на работ на исчезнување. На една рака може да се избројат занаетчиите кои се уште „климаво“ опстојуваат во Штип. Како што велат повозрасните анкетирани граѓани, некогаш на речиси секој чекор имало занаетчиски дуќан, денеска нема ништо. Дури и за мала ситница во домовите се бара мајстор. Нема кој да промени сијалица или да закови една шајка, велат штипјани оти младите пред сѐ избираат полесна работа и најчесто надвор од гранците на државата.

„Имаше буриња, каци правеа сега нема ништо од тоа. Порано имаше и капи правеа – сега нема го ни тоа. Младите речиси сите тргнаа на печалба, по лесна пара“ – велат граѓаните.

Штипјани согласни дека пред многу години најголем дел од работите ги извршувале сами, без да имаат потреба од мајстор. Само за посложени работи со струја или вода се плаќал човек кој ја знае работата. Ама денеска младите не се интересираат да научат занает и да го работат.

И малкумината занаетчии кои останаа во градот согласни дека ситуацијата држи статус кво, ништо не се менува на подобро. На пример часовници се носат само за менување батерија, будилници речиси и да не се користат. Кога се во прашање останатите занаети дел од нив не постојат, друг дел се на работ на изумирање.

Лаура Стојанова М-Нет