На 26 јануари блокада на граничните премини кон Шенген – превозниците најавуваат масовен протест

На 26 јануари 2026 година е најавена блокада на сите гранични премини кон Шенген зоната, како форма на протест на професионалните возачи и транспортните компании од регионот. Со оваа акција, превозниците имаат за цел да ѝ испратат јасна порака на европската администрација дека професионалните возачи не се илегални мигранти, терористи или туристи, туку лица кои легално и одговорно ја извршуваат својата работа.

Организаторите нагласуваат дека протестот ќе продолжи сè додека проблемот не биде решен, а станува збор за правилата за ограничување на престојот на професионалните возачи во Шенген зоната. Според нив, овие правила ќе имаат сериозни долгорочни последици врз економиите на Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, но и врз странските инвеститори кои работат во овие земји.

Во апелот упатен до членовите на транспортната фела се нагласува потребата од организираност, единство и масовност, бидејќи, како што се наведува, ова не е поединечна борба, туку заедничка и директно поврзана со иднината на целата дејност. Веќе голем број превозници го потврдиле своето учество, што, според организаторите, е показател дека свеста за сериозноста на проблемот е на високо ниво.

Дополнителна причина за протестот е најавената примена на електронскиот систем за влез и излез во Шенген зоната, која започнува на 10 април. Со овој систем ќе бидат блокирани сите возачи кои ќе имаат надминато 90 дена престој во период од 180 дена, што може да доведе до застој во работата, значителни финансиски загуби и неможност за извршување на меѓународни превози.

Од иницијаторите на протестот порачуваат дека неучеството носи далеку поголем ризик од учеството, нагласувајќи дека сега е моментот за заедничка, гласна и одлучна реакција со цел да се заштитат возачите, транспортните компании и целокупната транспортна индустрија.

Протестот е најавен од страна на асоцијацијата Макам-транс, кои упатуваат повик до сите засегнати да се приклучат и да дадат поддршка на оваа иницијатива.