На покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во официјална посета на Република Северна Македонија престојува министерот за надворешни работи на Швајцарската Конфедерација, Ињацио Касис.
Во фокусот на разговорите беа досегашниот развој и перспективите за натамошно унапредување на политичката и економската соработка меѓу двете земји, со посебен акцент на трговијата, инвестициите и поврзувањето на деловните заедници.
„Целта е економската соработка да стане уште посилен столб на односите и да создава конкретни можности за компаниите и граѓаните“, истакна министерот Муцунски.
Посебно внимание беше посветено на развојната соработка, која претставува значаен сегмент од билатералното партнерство. Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка што Швајцарија ѝ ја дава на земјата од 1992 година, како и за придонесот на швајцарските програми кон јакнењето на институциите.
Во разговорите беше опфатено и актуелното швајцарско претседавање со ОБСЕ, како и безбедносните состојби во Европа. Муцунски го поздрави ангажманот на Швајцарија во услови на сложен безбедносен контекст и ја потврди поддршката за нејзините напори во рамките на Организацијата.
„Уверен сум дека, под швајцарското претседавање, ОБСЕ ќе продолжи да има важна улога во градењето доверба, дијалогот и безбедноста. Во овие напори, Швајцарија ја има цврстата поддршка од наша страна“, нагласи Муцунски.
Соговорниците се осврнаа и на европската интеграција и реформските процеси, при што министерот Муцунски ја потврди стратешката определба за полноправно членство во Европската Унија и продолжување на реформите и приближувањето кон европските стандарди.
На средбата беа разменети мислења и за актуелните геополитички состојби, при што беше нагласена важноста на лидерството, солидарноста, единството и силните партнерства во зачувувањето на мирот и просперитетот на европскиот континент.
Текстот Муцунски-Касис: економската соработка да стане уште посилен столб на односите со Швајцарија и да создава конкретни можности за компаниите и граѓаните е превземен од МАКФАКС.