Моќно издание на Брегалница за прва победа во ПМФЛ, Шкендија го доби дербито со Вардар

Брегалница со убедлива победа до први бодови во Првата лига, Шкендија го доби дербито, а пак Скопје ја изненади Струга за прв бод, а прв историски бод освои и дебитантот Шкендија Арачиново.

Продолжува ефикасноста и во второто коло на ПМФЛ кога се во прашање постигнатите погодоци, бидејќи и во оваа рунда има голем број на погодоци за високи и убедливи победи, а два натпревари завршија без победник.

Брегалница стигна до висока и убедлива победа од 4:0 над Арсими на Градскиот стадион во Штип, кои беше обоен во „сина“ боја за голема радост на момците на Никола Кузманов.

Повратникот Мартин Стојанов беше двоен стрелец, а со гол во Брегалница се врати и Методи Максимов, а стрелец на четвртиот гол беше младиот Даријан Тасев.

Вардар го загуби дербито од Шкендија со 0:2, шампионот ја загуби првата битка за титулата од вицешампионот, „црвено-црните“ од Тетово беа подобри од „црвено-црните“ од Скопје.

Тамба беше двоен стрелец откако двата погодоци беа постигнати во вториот дел по чистите мрежи во првото полувреме.

Тиквеш со нова убедлива победа од пет погодоци, Башкими доживеа нов дебакл откако овој пат загуби на домашен терен со резултат од 0:5. Големата ефикасност и доминација на тимот од Кавадарци продолжи и во второто коло од шампионатот.

Дебитантот Шкендија Арачиново стигна до прв историски бод во Првата македонска фудбалска лига откако одигра 1:1 против Силекс од Кратово. Двата погодоци беа постигнати од белата точка. Демири во 32. минута донесе водство за тимот од Арачиново по првите 45 минути, а во судиското надополнување гостинот од Кратово постигна гол кој беше поништен.

Во второто полувреме Хасукиќ во 84. минута од пенал ги постави конечните 1:1 за делба на бодовите.

Повратникот Скопје стигна до прв бод откако ремизираше против Струга Трим Лум играјќи 1:1. Во првиот дел мрежите мируваа, а во вториот дел Малески постигна гол за водство на Струга од 0:1, а погодокот за делба на бодови го постигна Беровиќ во 71. минута за конечни 1:1.

Тиквеш и Шкендија имаат максимални шест бодови на своето конто, Силекс и Струга Трим Лум имаат по четири бодови. По три бодови имаат Брегалница и Вардар, а по еден бод Скопје и Шкендија Арачиново, без бодови се екипите на Арсими и Башкими.

Тиквеш има најубедлив напад со постигнати десет гола по две кола, а пак Шкендија има чиста мрежа, додека пак тимот на Башкими е единствен тим кој нема постигнато гол, а има примено најмногу погодоци дури 11.

Александар Ванев, М-Нет