Многумина од персоналот – заразени, расте притисокот врз штипската болница

Речиси 20 здравствени работници од штипската болница се заразени со Ковид – 19. Поради ова расте и притисокот врз капацитетите на штипската болница. На Инфективното одделение се зголемува бројот на хоспитализирани пациенти, а кочанската болница не е отворена, ковид – позитивните пациенти од таму се донесуваат во Штип. Директорот на Клиничка болница Штип, д-р Ален Георгијев, вели дека поради моментната ситуација се во координација со директорот на Општа болница Кочани, каде во случај на поголем притисок, постои можност и за отворање на болницата за ковид – лица. Ако бројот се движи во нагорна линија во следните денови, ќе има потреба и од распределување и реорганизација на здравствените работници.

„Повторно порасна бројот на позитивни случаи, повторно правевме промени во распоредот таму, бидејќи притисокот е голем. Повеќе од десетина дена имаме сериозна бројка луѓе кои се јавуваат на преглед во амбулантата на Инфективниот оддел. Имаме и над 100 пациенти за преглед. Дојдовме до бројката за над 50 хоспитализирани, имаме уште десетина места. Во комуникација сме со директорот на кочанската болница за дел од пациентите да префрлиме таму. Доколку се влоши и натаму, ќе мора да правиме нови распределби за да одговориме на предизвикот“, вели Георгијев.

Штипската модуларна болница засега нема да се отвори, а доколку има потреба од истата притисокот врз капацитетите ќе биде поголем. Како што вели директорот Георгијев, тоа ќе бара многу медицински кадар, којшто ќе треба да се распредели на новите должности. Тоа дополнително не е возможно во моментов поради заразените работници.

„Во моментов немаме потреба од модуларната болница. Доколку се јави потреба, тоа ќе биде сериозен предизвик, бидејќи тоа изискува многу кадар, а и ние како Клиничка болница Штип сме погодени од овој бран. Дел од персоналот, докторски, сестрински, како и техничкиот персонал е позитивен на коронавирус и е во изолација, на домашно лекување. Тоа ни прави сериозни пречки за функционирање и на другите оддели во склоп на болницата“, додава Георгијев.

Реагенси за тестирањата сѐ уште има, вели д-р Георгијев, но истите рапидно се трошат. Дневно има над 100 лабораториски наоди што доведува до потреба за ново набавување реагенси, за што Георгијев уверува дека нема да биде проблем и доколку е потребно ќе се набават со цел болницата да го издржи и овој нов бран. Во однос на структурата на пациенти хоспитализирани во болницата, претежно станува збор за повозрасни лица, а меѓу нив има пациенти со исклучително тешка клиничка слика.

Ребека Спасова М-Нет