
Двете средни училиште во Кочани предводени од ОО на Црвениот крст денеска организираа Младинска крводарителска акција. Во акцијата се вклучија учениците од највисоките години во средното образование, студенти и млади лица од сите општини во кочанскиот регион. Оние кои донираа крв, претежно по првпат, ја испратија пораката за спас на нечиј живот и потреба од поголема хуманост.
„Општинската организација на Црвен крст – Кочани заедно со СОУ „Љупчо Сантов„ и СОУ „Гошо Викентиев“ денеска ја реализира најавената Младинска крводарителска акција. Акцијата е наменета за сите средношколци над 18 години, студенти и млади лица од општините Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци. Акцијата е 17. по ред што годинава ја спроведува ОО Црвен крст – Кочани, а втора младинска крводарителска акција“, вели Иле Матеничарски од ОО Црвен крст – Кочани.
Тоа што акцијата е 17. по ред ја покажува важноста на организирањето крводарителски акции. Од Црвениот крст велат дека со оваа се пренесува пораката младите да се вклучат во крводарителството и да се охрабрат првпат на ваков начин да ја изразат својата хуманост.
Целта на ваквите акции е Црвениот крст да дојде во средините каде се младите лица и да им овозможи тие за првпат да даруваат крв и да станат дел од големото семејство на крводарители. Крводарителството како единствен начин на задоволување на крвните потреби и резерви е можност да има вакви акции и младите за првпат да даруваат сѐ со цел да се задоволуваат крвните потреби и резерви во државата“, додава Матеничарски.
Месецов Црвениот крст организираше и крводарителска акција во кочанското Одделение за внатрешни работи. Ваквите акции прилично ги задоволуваат потребите, со оглед на тоа што се собираат задоволителен број крвни единици.
Ребека Спасова М-Нет