
Уште еден стабилен прволигаш, очекува сезоната во Прва МФЛ да биде успешна. Тоа е тимот на Тиквеш од Кавадарци кој во сезоната 2025/26 година влегува со нова сопственичка структура.
„Сите знаеме дека со доаѓањето на новиот сопственик на клубот, Осман Таш, амбициите на ФК Тиквеш се далеку посериозни. Како на организациски план, така и на резултатски. Минавме одличен главен дел од подготовките во Турција, имавме и повеќе од доволно време да се воиграме, новите играчи да се адаптираат на средината, градот, клубот и мислам дека сме на добар пат“ – вели напаѓачот Александар Мишов во изјава за ФФМ.
„Тиквеш како клуб, а тука пред се мислам на управата, стручниот штаб и играчите на почетокот на подготовките си поставивме јасна цел. Да сме подобро пласирани на табелата од минатата сезона. Од она што летово го видов, а и го одработивме, јас сум оптимист. Мислам дека Тиквеш има квалитет да биде на местата на табелата кои што водат во Европа. Но, одиме чекор по чекор“, додаде Мишов
Тој се осврна и на денешниот дуел против тимот на Работнички во Кавадарци,
„Голем респект за тимот на Работнички. Сите знаеме за каков клуб станува збор. Ќе сториме се за бодовите да останат во Кавадарци. И за нас како клуб, но пред се за нашите верни Лозари, кои го заслужуваат тоа“, изјави Мишов