Политичката партија СДСМ во коалиција со политичката партија Левица, поднесоа 13.000 амандмани, со цел да го спречат гласањето на нашинците во дијаспората, плашејќи се дека ја немаат довербата на нашинците од дијаспората. И ова е силна порака кон нашинците во дијаспората кажа премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на барањата на дијаспората да гласа по електронски пат.
„Најпрвин СДСМ, кога беше Влада со својата катастрофа и катаклизма којашто ја донесе во Македонија, мотивираше и избрка голем дел од нашите граѓани да си ја бараат својата среќа надвор од земјата, а сега истите ги казнува по втор пат. Не им дозволува да учествуваат на легитимни претседателски, еве ако се плашат за парламентарните избори, ние велиме за следните претседателски избори па натаму, да ѝ се даде можност на дијаспората да учествува по електронски пат.
И не е точно во изминативе денови да се зборува само примерот на Франција, можам да ви кажам многу примери коишто и во регионов ги имаме аплицирано и ги гледаме, коишто се случуваат. Она коешто ние го направивме изминатите месеци беше конструктивна дебата во рамките на Парламентот, онаму каде што и треба да се дебатира. И сѐ беше готово, сѐ беше завршено, сѐ беше усогласено кога станува збор за Изборниот законик. Во последен момент политичката партија Левица, одби да се потпише на поднесокот до парламентарците, односно одби да го потпише поднесувањето на Изборниот законик којшто тие го предлагаа, којшто тие го усогласуваа, ние им прифаќавме сѐ што сакаа. Сѐ што мислевме дека е во согласност со нормалното однесување, ние прифативме. Вклучително и парите за финансирање на кампања, нешто што им беше најбитно, тоа им беше главен приоритет, да имаат повеќе пари за финансирање на кампања. Сѐ им прифативме и на крај рекоа не, не, ние ова нема да го потпишеме. Еве ви ветуваме нема да правиме филибастеринг со амандмани, вие изгласајте си го, ние ќе бидеме воздржани. Сакајќи при тоа да се претстават, повторно лажно пред нивните поддржувачи, дека еве тие се тие кои што се принципиелни, а сите останати се против нив, правејќи се жртва на тој начин. А во суштина, четири месеци заедно преговараа со сите пратенички групи. И ова е порака до нивните гласачи, замислете да им дадете можност да управуваат со институции. Замислете да им дадете можност тие да одлучуваат за вашата иднина. Кога тие во очи ве гледаат и ве лажат, а позади завеса нешто сосема друго прават.
Впрочем се сеќавате на она сведочење на поранешниот претседател на Владата, Зоран Заев во Парламентот, кога јасно кажа дека се обезбедувале ресурси за да Левица одземала гласови од ВМРО-ДПМНЕ, не е ни парламентарни избори, а потоа ако добиеле пратеници, требало да бидат во коалиција со СДСМ и да ја поддржуваат неговата Влада. Тогаш избега претседателот на Левица, а сега повторно бега. И затоа порака до сите оние коишто ја подржуваат оваа политичка партија, ако тие едно прават со месеци, а друго зборуваат, замислете да им дадете можност што ќе прават и како ќе се однесуваат“.
Нашата порака, додаде Мицкоски, беше јасна.
„Кажете сѐ, сѐ ќе прифатиме. Не ви одговара гласањето да биде со заокружување на бројче и име, во ред, дајте амандман, ќе го прифатиме. Не ви одговара начинот на поднесување на жалби после гласањето, во ред кажете како, сѐ ќе прифатиме.
Но, наша црвена линија е гласањето на дијаспората, бидејќи дијаспората мора да се чувствува поврзана со својата татковина, бидејќи наша цел како Влада е еден ден таа дијаспора да си ја вратиме дома. Ако вие го пресечете и овој канал и они не се чувствуваат дека припаѓаат во својата татковина, кој ќе биде нивниот мотив за да они си дојдат повторно дома. Кога ќе ги отфрлат домашните од средината којашто е природна, нивна средина. Тоа е нашата цел.
И конечно на крај доаѓаме до економските побуди и мотиви. Ние сега трошиме милиони евра, праќајќи луѓе од Министерството за надворешни работи и од другите институции, да бидат набљудувачи и да го спроведат процесот на гласање на дијаспората, којшто не е успешен, бидејќи нормално во Австралија треба вие да летате по 10 часа натаму-наваму за да го остварите своето право. Истото и во Канада, и во Соединетите Американски Држави, па и во Европа, ако сакате можете истото да го анализирате.
Јас се надевам дека конечно од СДСМ и од политичката партија Левица, од оваа коалиција ќе се осмелат, ќе ги остават своите политички мотиви во своето политичко мочуриште. Ќе се вратат во Парламентот, сѐ уште има време и оваа реформа да ја испорачаме. Јас сум убеден дека политичките интереси ќе ги остават на страна и ќе ги стават како приоритет националните интереси.“
Текстот Мицкоски: СДСМ во коалиција со Левица поднесоа 13.000 амандмани, со цел да го спречат гласањето на нашинците во дијаспората е превземен од МАКФАКС.