Мицкоски: Нема да поскапи електричната енергија, бараме начин да биде поевтина

Нема да поскапи струјата во Македонија, Владата бара начин таа да биде и поевтина, одговори денеска премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање. Тој рече дека се бара формула за намалување на цената или зголемување на евтината тарифа. Мицкоски посочи дека акумулациите се исполнети со повеќе од 70 проценти и дека хидроелектраните се подготвени за производство на електрична енергија. Најави и дека во втората половина на август ќе биде претставен напредокот на изградбата на ветерниот парк во Штип, Карбинци и Радовиш.

,,Имаме над 70 проценти од акумулациите полни и подготвени хидроелектрани да произведуваат електрична енергија. Ние не размислуваме за зголемување на цената на елетричната енергија, ние правиме план како да најдеме формула да ја намалиме или барем евтината тарифа да ја зголемиме, за разлика од најголем дел од земјите во Европа, кои што планираат да ја зголемат цената на електричната енергија. Ќе ве потсетам дека се реализираат големи капитали проекти, се надевам дека во втората полоцина на август ќе можеме да појдеме на лице место на терен, да посведочиме како се развива најголемата приватна инвестиција во делот на енергетиката во обновливата енергија, а тоа е ветропаркот во општините Штип, Карбинци и Радовиш.“, вели Мицкоски

Македонија во моментов е безбедна, но Владата веќе прави планови за следните десет години, подвелече премиерот Мицкоски. Тој вели дека проблемите што се наследени се големи, но се решаваат, а критика прифаќа кога е основана и со аргументи.

,,Во моментот како земја сме безбедни и комотни, но истовремено правиме план за следните десет години. За жал предизвиците од минатото наследени се големи, не очајуваме, ги решаваме, ќе повторам при решавањето имаме се разбира и критика. Јас секогаш коако претседател сум подготвен за аргументирана критика и политичка дебата, но секогаш ќе се борам против оној талог во општеството, кој што измислува и врз основа на тие лаги и конструкции создава хистерија и се обидува на тој начин да ја нападне работата на Владата, е тука ќе се бориме.“, додава Мицкоски

Премиерот Мицкоски од конференцијата беше дециден дека треба да победува секогаш чесната работа, трудот и оние кои прават стратегии и имаат визија како оваа држава треба да се развиваа.

Иван Митев, М-Нет