Парламентарното мнозинство на коалицијата “Твоја Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ се зголемува и брои 59 пратеници, Демократската партија на Турците на Македонија се приклучува кон коалицијата, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Со потпишување на Договорот за политичко партнерство, соработка и поддршка со Демократската партија на Турците на Македонија испраќаме јасна порака дека кога станува збор за интересите на граѓаните и иднината на државата, постои простор за обединување околу заеднички вредности, принципи и цели. Ова партнерство е засновано врз доверба, заемно почитување и искрена определба да се работи во интерес на сите граѓани“, рече Мицкоски.
Со ова, додаде тој, парламентарното мнозинство добива уште еден пратеник дополнително, а пратеничката група на коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ во македонскиот парламент ќе брои 59 пратеници.
Додаде дека турската заедница е нераскинлив дел од нашето општество, народ кој со својата работа, традиција и лојалност со децении придонесува за развојот на државата. Нашата соработка, додаде Мицкоски, е доказ дека вистинските политики ги поврзуваат луѓето, а не ги разделуваат, и дека кога постои искрена намера да се работи за граѓаните, различностите стануваат наша предност.
Мицкоски кажа дека не е среќен во каква состојба се наоѓа опозицијата.
„Денес зборувам и како претседател на политичката партија која во овој момент ја има најголемата доверба кај граѓаните и претставува најсилниот политички субјект во државата. Некој можеби ќе очекува дека поради тоа сум задоволен. Но, искрено, не сум среќен кога гледам во каква состојба се наоѓа опозицијата. Бидејќи на државата ѝ е потребна силна, сериозна и конструктивна опозиција. Тоа е во интерес на демократијата, во интерес на институциите и, пред сè, во интерес на граѓаните“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека негова цел е ВМРО-ДПМНЕ да биде политичка сила која обединува, која ги поврзува луѓето околу заеднички вредности, околу развојот на државата и економскиот напредок, владеењето на правото, подобриот живот за секој граѓанин, без разлика на неговата етничка, верска и политичка припадност.
Текстот (Видео) Мицкоски: Коалицијата се зголемува и брои 59 пратеници, Демократската партија на Турците ни се приклучува е превземен од МАКФАКС.