Премиерот Христијан Мицкоски, за време на денешната посета на Општина Прилеп, запрашан за споредба на просечната старосна пензија за време на владата на СДСМ и ДУИ и оваа влада, истакна дека на месечно ниво таа се зголемува за 325% повеќе отколку во времето на владеењето на СДСМ и ДУИ.
„Гледам како на отворена сцена опозицијата се препелка по она мое интервју дадено на еден национален медиум каде што направив споредба во зголемувањето на старосната пензија на корисниците во периодот од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалициските партнери ВРЕДИ и ЗНАМ и Владата предводена од СДСМ и ДУИ. При таа споредба јасно кажав дека во овие две години, во овие 24-25 месеци — во случајот конкретно на тоа интервју реков 23 месеци, но сеедно е бидејќи двапати годишно се усогласува пензијата — оваа влада успеала просечно месечно за 296 денари да ја зголеми пензијата, додека претходната влада за 83 месеци успеала за 91 денар. Кога ќе се споредат овие два параметра, доаѓаме до 3,25 пати повеќе сега отколку во времето на владата на СДСМ и ДУИ, или тоа е математички прецизно 325%“, потенцираше Мицкоски.
Тој исто така нагласи дека доколку се споредат првите 25-26 месеци на владата на СДСМ и ДУИ со овие 25-26 месеци од оваа влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, излегува дека просечната старосна пензија сега се зголемила за 12,5 пати повеќе во споредба со претходната влада.
„Еве уште една споредба ќе им кажам кога станува збор за старосните пензии. Еве да ги споредуваме првите 25-26 месеци од претходната влада во периодот јуни 2017 до јуни-јули 2019 година со овие 25-26 месеци од оваа влада, односно тогаш просечната старосна пензија за првите 25-26 месеци од претходната влада се зголемила за цели 540 денари. Во овие 25-26 месеци на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, просечната старосна пензија се зголемила за нешто повеќе од 6.800 денари или, математички прецизно, тоа е повеќе од 12,5 пати. Таа е разликата“, нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека талогот во опозицијата треба да ја прифати оваа реалност и да излезе од безидејноста доколку сакаат да бидат конкурентни на македонската политичка сцена. Истакна дека владата ќе продолжи со проекти и работа како што се испорачуваат насекаде низ државата.
„Тој талог во опозицијата треба да ја прифати оваа реалност, конечно да излезе од таа безидејност во којашто во моментов се наоѓа, ако сака да биде конкурентна понатаму на политичката сцена во Македонија, но тоа е впрочем на крајот од денот и нивен проблем, не е наш проблем. Ние имаме јасна цел. Наша цел се проекти како овој коишто се испорачуваат на повеќе од 1.200 места низ државата, реформите, да го стабилизираме системот којшто не постоеше“, подвлече Мицкоски.
Текстот Мицкоски: За две години, просечно месечно пензиите се зголемени за 296 денари е превземен од МАКФАКС.