Мицкоски: Деновиве убава вест за граѓаните за брзите кредити

За брзите кредити наскоро ќе има убава вест за граѓаните, најави премиерот Христијан Мицкоски денеска од Делчево. Одговарајќи на новинарско прашање до каде е законот за овие финансиски друштва и за нелегалните агенции за наплата, тој рече дека заедно со Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија и труд наскоро ќе излезат со официјална информација пред јавноста. Според неговите зборови, за многу кратко време граѓаните ќе дознаат за каква мерка или одлука станува збор.

,,Ќе имаме деновиве една би рекол убава за граѓаните вест, кога станува збор за овие финансиски институции ои што се даватели на вакви услуги односно брзи кредити. Во овој момент би се воздржал од било каков коментар, но заедно со државниот пазарен испекторат и министерството за економија и труд, многу скоро од денеска ќе ги информираме граѓаните со една убава вест.”, вели Мицкоски

Инаку, Министерството за финансии претходно најави законски измени со кои се укинува исплатата на брзите кредити во кеш и тие ќе се префрлаат исклучиво на банкарска сметка. Покрај поголемата следливост на парите, новите правила предвидуваат и зголемување на капиталот на овие друштва, воведување задолжителна внатрешна ревизија и построги услови за отворање нови филијали.

Иван Митев, М-Нет