Мицкоски: Безбедносната состојба во државата е стабилна, се следат и економските предизвици

Безбедносната состојба во државата е стабилна, истакна премиерот Христијан Мицкоски денеска од Штип. Ситуацијата се следи постојано, и единствени предизвици може да се јават во делот на цените на гасот и нафтата. Меѓутоа, како што посочи Мицкоски ќе се работи на намалување на акцизите и даноците со цел да се намали ударот врз џебот на граѓаните.

„Во овој момент можам да кажам дека безбедносната состојба е стабилна. Можеби со тек на време ќе имаме економски предизвици, овде мислам на цената на енергенсите, на нафтата и гасот. Но, размислуваме со министерството за финансии да намалиме во делот на акцизата, во делот на даноците за да го намалиме ударот врз граѓаните“ – вели Мицкоски.

Дополнително од денеска треба да започне и евакуацијата на македонските граѓани. Миниистерството за надворешни работи организираа превоз за нашинците кои се пријавиле од ризичните подрачја да се вратат дома.

„Министерството за надворешни работи организира превоз за македонските граѓани кои сакаат да се вратат, веќе сме во завршна фаза и од денеска веќе ќе почне евакуацијата. Апсолутно сме во фаза на обезбедување на се она што е за нормално функционирање на институциите“ – додава Мицкоски.

Дел од македонските граѓани ќе се вратат со владиниот авион, некој заминуваат од погодените подрачја со комерцијални летови, со цел да пристигнат во државата.

Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет