Михајлов: Памукот и афионот имат услови да се вратат на нивите, но нема добра стратегија

Шеќерната репка тешко, ама памукот и афионот сѐ уште имаат просперитет повторно да се најдат на македонските ниви. За памукот потребна е стратегија, добра организација и набавка на земјоделска механизација која низ светот се користи за обработка на големи површини. Афионот, пак, изискува и повеќе дозволи за производството поради законските бариери заради злоупотребата во минатото. Сепак услови за домашно производство има, смета прод. д-р Љупчо Михајлов од Земјоделскиот факултет во Штип.

„За памукот се јавува истиот проблем, немаме соодветна организација. Сега рачно не може тоа да се прави, треба со специјални машини, а тоа во Македонија го нема, што не значи дека не може да се организира. Генерално и за памукот и за афионот можат да се создадат услови да се произведувт, но со една добра организација. Преку ИПАРД фондовите набавување на нова механизација, организирано производство, однапред склучени договори со откупувачите, пристојни цени. Да не биде како што е во најчест случај производителот да биде најоштетен“, смета проф. д-р Љупчо Михајлов од Земјоделски факултет во Штип.

Недоволната организација и лошата стратегија во однос на откупот и исплатата се и причина за целосно исчезнување на шеќерната репка од македонските ниви. Последен пат во Пелагонија ја имало пред петнаесетина години, пред да се продаде фабриката за преработка во Битола.

Токму и манипулацијата при исплата и откупот на шеќерната репка е причина за оваа култура, целосно да исчезне од нашите ниви. По продажбата на фабриката за преработка на шеќерна репка во Битола, последен пат шеќерна репка е насеано пред петнаесетина години.

„Шеќерната репка многу тешко дека ќе се врати. Тука е генерален проблемот, во минатото имавме една фабрика со голем капацитет за преработка на шеќерна репка, но таа се приватизира, се трансформира, се продаде на странски купувач кој немаше намера да ја откупи за да ги натера земјоделците да произведуваат шеќерна репа, туку само да остварува профит и да увезува сировини од други култури за да произведува шеќер. Тоа придонесе со нивното несовесно однесување веќе да ја нема“, додава проф. д-р Љупчо Михајлов.

Поради неискористеноста на плодното земјиште и намаленото производство на овие култури, во моментов државата е увозно зависна. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2021 година се увезени прехранбени производи во вредност од 745,4 милиони евра, што е годишен раст од 12,2 отсто во споредба со претходната година. Најмногу се увезува месо и месни производи, зеленчук и овошје, а на трето место е житото и преработките од жита.

Ребека Спасова М-Нет