Мирче, Ефимија, Александра, Ангела и Надица се враќаат од лекување од Белград

Пет пациенти се враќаат од лекување од Белград. Тие утрово се испишани од Универзитетскиот клинички центар Србија, откако месец и половина се наоѓаа на болничко лекување по трагедијата во дискотеката во Кочани.

Мирче, Ефимија, Александра, Ангела и Надица заедно со своите фамилии се враќаат во Кочани на домашна нега.

-Министерството за здравство информира дека денеска пет пациенти од повредените во трагедијата во Кочани ќе се вратат од лекување од Клиничкиот центар во Србија, по што согласно протоколот тројца ќе бидат под опсервација на Клиниката за пулмологија и по еден пациент на Клиника за пластична хирургија и во Хируршка клиника „Св.Наум Охридски“, соопштија од МЗ.

До крајот на неделата според информациите ќе бидат отпуштени уште двајца пациенти, а отпусти се планирани и за следната седмица.

Во моментот на УКЦС – Белград на лекување остануваат уште осум пациенти. Претходно, четири пациенти си заминаа на домашно лекување од вкупно 17-те кои беа хоспитализирани на Универзитетската клиника во Белград.

Во текот на вчерашниот ден еден пациент се врати од лекување од Хрватска и се наоѓа под опсервација на Клиниката за пластична хирургија, со што во странските медицински центри остануваат на лекување 38 пациенти.

Во пожарот во дскотеката во Кочани починаа 62 лица, а близу 200 беа повредени.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет