Министерката за култура во посета на НУ-ЦК „Ацо Шопов“, вели – договорот е постигнат

Министерката за култура, Ирена Стефоска, во надзор на НУ-ЦК „Ацо Шопов“ – Штип. По најавата на Стефоска дека ќе дојде во Штип, денеска ја оствари посетата со вработените и директорот на установата. Најавата беше по недоразбирањата кои изминатиов период излегоа во јавност, односно препирките помеѓу директорот, Горан Трајков, и дел од актерскиот ансамбл. Стефоска напомена дека имале конструктивен состанок на кој присуствувале и двете засегнати страни. Според неа, установата е во одлична состојба, а театарот е носечкиот столб на истата.

„Најнапред како што секогаш правам, речено – сторено. Многу сум им благодарна на сите, на ансамблот, на директорот и сите присутни. Им благодарам на конструктивната дискусија, за напорите заедно оваа куќа да ја направат каква што ја паметите. Ова е одлична куќа, театарот е носечкиот дел на оваа куќа. Значи, сите аспекти мора да функционираат во овој центар со сите дејности. Задоволна сум и многу благодарна на конструктивниот состанок, на договорот што е постигнат. Се гледаме, следниот пат доаѓам на премиера. Поздрав!“, рече Стефоска во изјавата за медиумите по што ја напушти установата.

Ребека Спасова МНет