Четири општини ќе иницираат проекти за развој на лакавичко – плачковичкиот регион

Одржана работна средба чија цел е развој на лакавичко – плачковичкиот регион, на четирите општини кои се дел од ЛАГ „Плачковица“, особено на планината Плачковица. Градоначалниците на Општините Штип, Карбинци, Радовиш и Конче, заедно со претставници од локалната акциска група разговараа за креирање проект во кој ќе биде опфатен руралниот развој во областа на спортот, туризмот и слично. На состанокот беше заклучено дека помеѓу четирите општини треба да се формира меѓусекторско тело коешто ќе ги опфати потенцијалните идеи, проекти и концепти за реализација.

„Туризмот секако, една од потенцијалните теми е развој на алтернативниот туризам, понатаму, производството на храна, селскиот туризам како концепт и поврзувањето на комуникацијата помеѓу самите општини. Диверзификација на економските активности во руралните подрачја е исто една од темите. Дури и развојот на спортските и едукативните активности во руралните средини. Знаеме дека во градските средини има развиено активности, меѓутоа во руралните средини тоа на едно пониско ниво. Сметаме дека темите и приоритетите во наредните четири години треба да се стават во таа насока“, истакна Столе Георгиев, менаџер на ЛАГ „Плачковица“.

Мрежата за рурален развој како носител на програмата ќе ги идентификува потребите и во следните пет години ќе ги поддржи и морално и финансиски, што ќе услови економски развој на овие општини. Иницијатива за учество има и од бизнис заедницата.

„Програмата располага со одредени средства коишто ќе бидат дел од поддршката на овие интервенции, но секако ќе се очекува учество и на сите овие ресори коишто ги спомнав, и на Општините, но секако и на бизнис заедницата, од која ќе се очекува контрибуција. Досега со сите интервјуа и комуникации наидовме на интерес и од бизнис заедницата да учествува со средства и ресурси, зависно од дејноста“, додаде Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија.

Градоначалниците на Општините искажаа иницијатива за прибирање идеи, но и реализација на проекти. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, како домаќин на средбата во име на сите пројави интерес за учество и придонес во развојот на овој регион.

„Ние како чинители во овој проект ќе иницираме првично прибирање идеи, изработка на проекти, како и реализација на тие проекти, но исто така ќе мотивираме и други чинители, како што се бизнис заедницата и вие медиумите, да бидат дел од оваа програма за да ги нотираме, идентификуваме и реализираме сите потреби на регионот и на крајните корисници, на општините, на граѓаните коишто живеат во тие општини“, додаде Јорданов.

На средбата беа споменати некои од идеите кои можат да се имплементираат, меѓутоа тоа ќе биде обврска на инволвираните општини кои покажаа интерес и во следниот период.

Ребека Спасова МНет