
МЗТ Скопје Аеродром по пауза од 25 години повторно ќе биде дел од европските клупски натпреварувања под капата на ФИБА. Настапот во ФИБА Еврокупот претставува ново поглавје за најтрофејниот македонски кошаркарски клуб, кој покрај амбициите на меѓународната сцена, не се откажува од главната цел – продолжување на доминацијата во домашното првенство и Купот.
Извршниот директор Филип Ѓоревски истакнува дека враќањето во Европа било една од најголемите цели уште од неговото доаѓање во клубот и дека летово конечно се создале условите таа идеја да стане реалност.
„МЗТ Скопје има обврска да ја претставува Македонија и на европската сцена. Домашните трофеи остануваат наш приоритет, но сакаме повторно да ја вратиме атмосферата во „Јане Сандански“, кога во Аеродром гостуваа големи европски клубови. Верувам дека тоа ќе биде дополнителен мотив за навивачите повторно да ја наполнат салата и да ни помогнат да оствариме што подобри резултати“, вели Ѓоревски.
Во клубот се свесни дека пред нив е сериозен предизвик. Групата во ФИБА Еврокупот е составена од квалитетни противници кои доаѓаат од земји со силни кошаркарски традиции и редовни учесници во европските натпреварувања. Сепак, во таборот на „сино-белите“ владее оптимизам дека со дисциплинирана игра и максимален ангажман можат достоинствено да ги бранат боите на клубот и македонската кошарка.
Паралелно со европските амбиции, интензивно се работи и на комплетирање на ростерот за новата сезона. Концептот е јасен – комбинација од искусни лидери, млади македонски кошаркари и внимателно избрани странски засилувања.
Продолжувањето на соработката со браќата Дамјан и Војдан Стојановски претставува значаен чекор во задржувањето на препознатливиот идентитет на екипата, додека враќањето на репрезентативците Лука Стојановски и Никола Василевски дополнително го засилува домашното јадро. Од клубот најавуваат дека во наредниот период ќе бидат промовирани и нови засилувања.
Посебен акцент се става и на развојот на младинската школа. За нов координатор е назначен Саша Димитријевиќ, еден од најискусните стручњаци за работа со млади категории. Целта е младинскиот погон повторно да стане главен извор на таленти за првиот тим, но и место каде ќе се унапредува работата на тренерскиот кадар.
Ѓоревски потенцира дека во изминатите пет години клубот поминал низ сериозен процес на финансиска консолидација. Покрај освоените трофеи, паралелно се работело и на стабилизирање на состојбата, а денес МЗТ Скопје функционира на значително поцврсти финансиски основи.
„Кога ја презедовме одговорноста наследивме големи долгови, но чекор по чекор успеавме да ја стабилизираме ситуацијата. Денес клубот е финансиски посилен од година во година и убеден сум дека наскоро целосно ќе ги затвориме сите обврски од минатото. Огромна заслуга за тоа имаат Општина Аеродром и нашите спонзори, чија поддршка постојано расте“, нагласува директорот на МЗТ.
Новата сезона за „сино-белите“ официјално ќе започне во средината на август, кога шефот на стручниот штаб Васко Атанасов ќе ја изврши првата прозивка. Пред МЗТ Скопје претстои сезона исполнета со големи очекувања, во која клубот ќе се обиде повторно да го врати европскиот сјај, а истовремено да ја продолжи успешната приказна на домашната кошаркарска сцена.