Меџити: Владата финансиски ќе помогне за одржување на депонијата во Кочани, а сметот од соседните општини повторно ќе се депонира овде

Владата ќе ги преземе трошоците за одржување на кочанската депонија, а сметот од соседните општини Виница, Чешиново – Облешево и Зрновци повторно ќе завршува на оваа депонија.Министерот за животна средина, Изет Меџити посочи дека проблемот овде бил финансиски и затоа Владата ќе излезе во пресрет на граѓаните, ќе се помогне финансиски со цел проектот да се реши краткорочно или среднорочно.

„Мислам дека одговорив, финансиски обврските ќе ги преземе Владата и пак ќе се вратат на истата депонија. Проблемот беше финансиски, требаше да се сноси и ние одлучивме да и излеземе во пресрет, да им помогнеме финансиски, да се реши проблемот краткорочно или среднорочно. Работиме интезивно со проектот со европската банка за развој, кредитот да се превземе од Министерството за животна средина, 55 милиони евра за регионалните депонии.“ – вели Меџити.

Но, за граѓаните кои 18 дена активно беа на протест на патот кон градската депонија кај село Бели, ваквата одлука не е согласно нивните барања. Велат ова може дополнително да придонесе за реактвирање на протестите. Децидни се дека отпадот од соседните општини не треба да завршува на градската депонија во Кочани, и секоја општина сметот да си го третира соодветно во сопствениот „двор“. Забраната за носење на смет од останатите општини на градската депонија во Кочани се донесе и на седница на совет на Општина Кочани, на 13 ноември едногласно од страна на советниците.

Излез од проблемот со сметот на депонијата во Кочани е во изградбата на регионалната депонија во Свети Николе. Тендерот за изградба се распиша на 18октомври, а депонијата треба да биде готова за две ипол години.

Со пари од Европската банка за обнова и развој, е предвидено во држвата да се изградат четири регионални депонии, а во депонија кај светиниколско Мечкуевци, ќе се преработува отпадот од 18општини од источниот и североисточниот регион.

Лаура Стојанова М-Нет