
Со буџет од 270 милиони денари ЈП „Исар“ годинава ќе се фокусира на реконструкција на водоводната и канализациската мрежа, ќе го одржува зеленилото и ќе менаџира со отпадот. Директорот, Кирил Зајков, посочи оти програмите за работа веќе имаат добиено зелено светло од Општинскиот совет, па Јавното претпријатие веќе следната недела започнува со реконструктивните активности, како и со активности за подобро менаџирање со отпад.
„Влегуваме во една амбициозна програма која се темели на три основи, односно програма којашто Јавното претпријатие ќе ја насочи кон реконструкција на водоводни и канализациони мрежи согласно со Програмата за уредување на градежно земјиште на Општина Штип. Подигање на нови, зелени површини, како и одржување на постоечките површини и сервисирање на услугите кон граѓаните во делот на собирање на сметот“, рече Зајков.
Минатата година ЈП „Исар“ се покажало многу подобро од планираното во делот на реконструктивните активности, но потфрлило во однос на менаџирањето со отпад, смета Зајков. Затоа годинава фокусот ќе биде да се подобри услугата кон граѓаните, но и да се променат навиките на целата заедница.
„Дури можам да се пофалам дека Јавното претпријатие, благодарение на ангажираноста на сите вработени во рамки на Јавното претпријатие, бележеше голем раст на активности, односно на реконструкција на водоводни и канализациони мрежи, повеќе од тоа што беше предвидено како работни активности за 2023. Можам да бидам критичен во делот на менаџирањето со отпадот. Имаше одредени предизвици, и во 2024 година ќе ги имаме. Не бараме оправдание зошто е тоа така, но сметам дека навиките на сите нас мора да ги менуваме за да имаме поуспешен процес на менаџирање со отпад“, додава Зајков.
И покрај позитивите, Јавното претпријатие и во оваа година влезе со наталожените финансиски долгови. Зајков вели дека ситуацијата и понатаму ќе се менаџира за нивно намалување, а и дека за таа цел ќе продолжат да се спроведуваат некои од мерките кои ги одобри Општинскиот совет, а чија важност е до следната седмица.
„Сите мерки кои ги побаравме беа на среден рок, односно во траење од шест месеца. Во текот на наредната недела административно ќе престанат да важат овие мерки, меѓутоа она што ние го согледавме како Јавно претпријатие е дека дел од мерките ние и понатаму како деловна политика ќе ги спроведуваме. Ќе се внимава на реалната потреба за ангажирање на работници со прекувремено ангажирање за работа. Тоа се финансиски средства за коишто мораме да бидеме внимателни како ќе ги организираме“, посочи Зајков.
Јавното претпријатие „Исар“ минатата година ја започна со загуба, а така го заврши и првиот квартал, понатаму во следните квартали загубата се намалуваше за на крајот од годината да дојде до добивка од над десет милиони денари.
Ребека Спасова М-Нет