Маџунков се враќа во репрезентацијата на Македонија, познат списокот на селекторот Миленкоски за евро-квалификации

ФОТО: ОФМ

Селекторот на одбојкарската репрезентација на Македонија, Јошко Миленкоски го доби средниот блокер Филип Маџунков на располагање за престојните квалификациски дуели со Грција и Грузија за пласман на Европското првенство 2026.

Маџунков имаше успешна интервенција на коленото и по процесот на рехабилитација тој се враќа во репрезентацијата.

Репрезентативците од редовите на шампионот Струмица 47&72, како и освојувачот на Купот, Штип УГД, заедно со интернационалците – браќата Ѓоргиеви, Љафтов, Савовски, Костиќ, Илиев и Ефремов ќе го понесат товарот во дуелите со Грција и Грузија, преку кои Македонија го „брка“ настапот на четвртиот континентален собир во низа.

Подготовките на македонската репрезентацијата ќе започнат на 17 јули во Маврово, каде екипата се подготвува десет дена. Потоа во период од 28 до 30 јули Македонија ќе одигра пријателски натпревар со Бугарија во Софија.
Потоа темпирањето на формата продолжува во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“, каде од 5 до 7 август ќе се одржи 49. издание на меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“ на кој покрај репрезентацијата на Македонија ќе учествуваат и репрезентациите на Бугарија и Швајцарија.

На списокот на повикани одбојкари се Ѓорѓи Ѓоргиев, Давид Стојанов и Ефтим Ричилев на позиција техничар, коректори се Никола Ѓоргиев, Стојче Арсов и Кристијан Илијев. На позиција примач повикани се Владо Милев, Лука Костиќ, Стојан Илиев, Тоше Ефремов и Александар Љафтов.

Потоа на позиција среден блокер повикани се Филип Маџунков, Филип Савовски и Филип Лепидовски, на позиција либеро се Костадин Ричлиев и Ване Арапов.

Квалификацискиот циклус го започнува со Грција на 13 август во Атина, а пак на 17 август во „Борис Трајковски“ во Скопје ќе играме со Грузија.

Александар Ванев, М-Нет