
Младите ентузијасти од Штип за кои М-Нет Телевизија објави минатата година, повторно со нова акција во манастирот во село Горни Балван. Непосредно пред празникот, втора година по ред, заедно со неколку жители од селото го исчистија и уредија манастирот „Св. Јован Крстител“. Кога минатата година стапнаа во манастирот и во истоимената црква во истото село, затекнаа многу лоша состојба, нешто што не било одржувано речиси пет децении. Резултатот од вредната работа беше видлив, а годинава воспоставуваат традиција со цел да се одржи направеното.
„Да го сакаш и почитуваш Божјиот храм е навистина нешто најсвето за еден млад човек. Со Божји благослов и благодет од Бога и од селаните, втора година по ред денес повторно и целосно го исчистивме и се посветивме на надворешното и внатрешно уредување на манастирот „Свети Јован Крстител“ во селото Горни Балван. Иконостасот, олтарот, манастирските ќилими, дворната површина, кујната и садовите за манастирското јадење измиени и исчистени, тревата искосена. Сите внатрешни манастирски убавини денес добија чист и уреден лик. Нашата заедничка цел е да имаме уредни и чисти верски објекти, испраќаме еден апел да не ги уништуваме, туку разубавуваме.“ – вели Милан Андонов, член на групата.
Викендов израмнет беше и патот до манастирот, кој е долг околу 3 километри, а кој не е асфалтиран. На влезот на селото Горни Балван поставена е и ознака, односно патоказ до манастирот. Во знак на благодарност и спомен на манастирот за групата која се погрижи за ова беа подготвени брендирани маички. Со ова се целосно подготвени за манастирската слава, која ја чествуваат на 11 септември.
Инаку, манастирот е стар околу два века, а денес го одржува домаќинот Влатко Арсов од истото село. Младите ентузијасти упатија покана до сите жители на селото, на општините Карбинци и Штип да го посетат манастирот на 11 септември, а доколку сакааат, и да донираат за манастирот, кој колку може.
Ребека Спасова М-Нет