Малолетници снимени со видеонадзор: Вандализирани спортските игралишта во ООУ „Гоце Делчев“ – Виница

фото: архива/ООУ ,,Гоце Делчев”

Управата на ООУ „Гоце Делчев“ од Виница информира дека спортските игралишта во рамки на училиштето биле мета на вандализам, при што е причинета материјална штета на заедничкиот имот.
Од училиштето соопштија дека сторителите се малолетни лица кои се јасно снимени од системот за видеонадзор, а снимките, како што наведуваат, ги документираат настаните од повеќе агли.
По инцидентот е формирана комисија која ќе изврши проценка на настанатата штета, по што ќе бидат преземени понатамошни чекори. Случајот веќе е пријавен во полиција, а доколку се утврди материјална штета, училиштето најавува дека доказите ќе бидат доставени до надлежните институции, додека дел од видео материјалите ќе бидат јавно објавени на нивната официјална Фејсбук страница.
Од управата посочуваат дека ќе биде побарано родителите на малолетните сторители целосно да ги подмират трошоците за поправка и санација на оштетените игралишта.
Во своето обраќање, училиштето испрати и апел до родителите да посветат поголемо внимание на однесувањето на своите деца, нагласувајќи дека спортските терени се изградени за рекреација, спорт и здрав развој на младите, а не за уништување.
„Нема да дозволиме неодговорни поединци да го уништуваат она што се создава со труд и во интерес на целата заедница“, порачаа од Управата на ООУ „Гоце Делчев“ – Виница.