
Методи Максимов ќе биде голем адут на Брегалница, уште на неговиот прв меч во дресот на „сините“ се запиша во листата на стрелци, во убедливата победа над Арсими од 4:0. Тој меч е веќе минато, фокусот е на недела и мечот против Шкендија во Скопје од третото коло на Прва лига.
Максимов вели дека очекуваат исклучително тежок натпревар, тоа за него ќе значи и играње против негов поранешен клуб, дополнува дека во соблекувалната на штипскиот тим владее одлична атмосфера.
„Шкендија е одлична екипа, го имаат можеби најдобриот тим во лигата. Јас поминав прекрасни година и половина во Тетово, за екипата можам да кажам само суперлативи, големи професионалци, тоа беше многу значаен период во мојата кариера и многу ми помогнаа за мојот интернационален трансфер. Во недела очекувам исклучително тежок натпревар, можеби мала олеснителна околност за нас е фактот дека во меѓувреме тие настапуваат во Конференциската Лига и имаат тежок натпревар против Хиберниан од Шкотска. Кај нас владее одлична атмосфера, соблекувалната ја краси единство, позитива другарство и одлична атмосфера. Тоа за нас е голем плус за секој натпревар, вклучително и овој“, рече Максимов.
Натпреварот меѓу Шкендија и Брегалница се игра на теренот на ФФМ во Скопје, в недела од 19 часот.
Александар Ванев, М-Нет