Македонски кореографи со танцова вечер „Компоненти“ на сцената на штипскиот Дом на култура

„Компоненти“ е насловен вечерашниот настан кој ќе се реализира во штипскиот Дом на култура. Станува збор за танцова вечер во која низ призмата на современ танц ќе бидат претставени пет кореографски дела од македонски кореографи. Ќе гостува и Танц Компанијата Оснабрук од Германија, која ќе ја претставува штипскиот танчер и кореограф, Бојан Мицев.

„Во тек се спрема сцената за вечерашниот настан „Компоненти“. Тоа е настан којшто е дел од проектот Современа танцова тура 6, којшто се реализира со поддршка на Министерството за култура, Општина Штип и НУЦК „Ацо Шопов“. Во програмата ќе бидат изведени седум кореографски дела и во програмата ќе бидат вклучени дела на Елена Антонова Петровиќ, Aдријана Данчевска Ровчанин, Ели Донев, Елизабет Колевска, Јована Зајкова, Бобан Русевски и јас“, вели балетскиот танчер Бојан Мицев.

Проектот Современа танцова тура 6 се организира шеста година по ред. Во рамки на истиот ќе има и едукативна програма која ќе се реализира во три македонски града, во Штип на 23, во Струмица на 24 јуни и во Кочани на 25 јуни.

„Во оваа година има и изведувачка програма и едукативна програма. Изведувачката програма ќе се случи вечерва, во 20:30 часот, на сцената на Домот на културата „Ацо Шопов“, додека едукативната програма ќе се реализира три дена, преку работилници за современ танц кои ќе бидат во Штип, Кочани и Струмица. На работилниците ќе може да присуствуваат сите заинтересирани коишто имаат желба да пробаат да танцуваат. Отворени се групите за различни возрасти“, додава Мицев.

Мицев минатата вечер имаше и настап во Скопје, од кој е особено задоволен. Посочува дека и вечерва очекува добра реакција од публиката.

„Во склоп на Фестивалот организиран од Факултетот за музичка уметност, каде што јас дипломирав, ми беше чест да се вратам таму. Беше организиран во Националната опера и балет и овој настап дома ми е огромно задоволство, бидејќи домашната публика секогаш ми е најдрага“, заклучува Мицев.

Настанот започнува во 20:30 часот и влезниците за истиот се по цена од 200 денари.

Ребека Спасова М-Нет