Македонска државјанка уапсена во Црна Гора – осомничена дека намерно прегазила куче и се обидела да избега од државата

Македонска државјанка е уапсена во Црна Гора, откако е осомничена дека намерно со автомобил прегазила домашно куче во Улцињ, а потоа се обидела да ја напушти државата.
Според информациите објавени од црногорскиот медиум „Вијести“, случајот бил пријавен околу 16 часот, кога во Одделението за безбедност во Улцињ било пријавено дека со возило е прегазено куче кое имало сопственик.
Полициските службеници брзо го пронашле возилото и ја идентификувале жената која управувала со него, при што било утврдено дека станува збор за државјанка на Македонија.
Според неофицијални информации од Управата на полицијата, таа била приведена додека се обидувала да ја напушти Црна Гора. На местото на настанот ќе биде извршен увид, а за случајот е известен и надлежниот основен државен обвинител, кој ќе ги преземе понатамошните мерки.
Истрагата за околностите под кои се случил инцидентот е во тек.