
Репрезентација на Македонија до 17 години загуби од Турција со 3:0 и го заврши настапот во првата квалификациска рунда за пласман на Европското првенство. И покрај поразот на последниот меч, избраниците на селекторот Иљами Исејни го обезбедија второто место во групата и пласман во елитната квалификациска рунда.
Турција ја потврди првата позиција со максимални девет бода од три натпревари.
Македонија на турнирот имаше победи над Унгарија каде од негатива од два погодоци нашата репрезентација стигна до победа од 3:0, а Сан Марино го добивме со минимални 1:0. Стрелец на сите погодоци беше Стефан Ристиќ.
Пласманот во елитната квалификациска рунда е значаен чекор за нашата селекција и можност за продолжување на борбата за место на завршниот турнир на Европското првенство.
Репрезентацијата на Македонија до 19 години со победа од 3:2 над Малта го заврши настапот на квалификацискиот турнир за пласман на Европското првенство. До победата нашата репрезентација стигна со гол во судиското надополнување.
Македонија резултатот го отвори преку Филип Цветковски во 32. минута, а израмнувањето дојде во 76. минута преку Зиас Њуел.
Нашата репрезентација успеа брзо да го врати водството откако во 81. минута погоди Јаков Стојковски за 2:1. Во самиот финиш Малта успеа одново да израмни преку Дензел Атард за 2:2 во 89. минута.
Кога сите мислеа дека мечот ќе заврши без победник, Габриел Талески во судиското надополнување погоди за конечни 3-2 и заслужена победа на Македонија.
Репрезентацијата на Македонија до 19 години го заврши квалификацискиот турнир на второто место во групата 5 со освоени четири бода, зад првопласираната Швајцарија, која освои максимални девет бодови. Претходно Македонија загуби од Швајцарија со минимални 0:1, додека против Северна Ирска ремизиравме без голови (0:0).
Александар Ванев, М-Нет