Македонија се подготвува за дуелот со Швајцарија, Елези: Сите сме во добра атмосфера, имаме добра кохезија

Македонската фудбалска репрезентација се подготвува за предизвиците кои претстојат со четири средби од Лигата Б во 11 дена. Првиот предизвик ќе биде против Швајцарија на домашен терен на 26 септември, ќе следува гостување кај Словенија на 29 септември, на домашен терен против Шкотска на 3 октомври и гостување во Луцерн каде ќе игра против Швајцарија на 6 октомври.

Но, фокусот е на првиот меч, а во пресрет на истиот, Агон Елези, кој игра во одлична форма во дресот на Сараево, истакнува дека ги знаат квалитетите на противниците, но мора да останат фокусирани само на себе, без да прават грешки, бидејќи како што вели Елези, секоја грешка може многу да не чини.

„Најпрво, огромно е задоволството и привилегијата повторно да се биде дел од оваа репрезентација, од оваа фантастична група. Вистина е дека не очекуваат четири многу тешки натпревари, но моментално за нас постои само еден, тој во сабота против Швајцарија. Сите ги знаеме нивните квалитети и ние мораме да се фокусираме само на себе, да не правиме грешки, затоа што секоја наша грешка може многу да не чини. Швајцарија покажа на Мундијалот дека е во сериозна форма и дека има сериозни квалитети во секој поединец. Но, ние треба да се фокусираме на себе и да имаме доверба дека можеме да направиме позитивен резултат. Така и ќе влеземе во натпреварот. Најбитно на претходните натпревари беше да се запознаеме со новиот стручен штаб, со новите играчи и со новите идеи. Сметам дека ни донесоа многу и дека научивме многу. Најважно беше да направиме добра атмосфера меѓу нас, меѓу играчите, а тоа и се покажа. Сите сме во добра атмосфера, имаме добра кохезија и сега само тоа треба да го пренесеме на теренот, почнувајќи од сабота“, вели Агон Алези пред мечот со Швајцарија.

Натпреварот меѓу Македонија и Швајцарија ќе се игра на 26 септември со почеток од 20:45 часот, на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Александар Ванев, М-Нет