Македонија до 16 години оствари убедлива победа над Косово

Младата репрезентација на Македонија до 16 години во контролен дуел против Косово во рамките на УЕФА развојниот турнир успеа да слави убедлива победа од високи 5:1.

Избраниците на селекторот Дашмир Беари на стадионот Албена одиграa феноменален натпревар, во целост го надиграа својот противник и повеќе од заслужено се радуваа на убедлива победа.

Един Етоски во 43. минута го отвори резултатот на вчерашната средба. Адми Латифи на самиот старт на второто полувреме успеа да го затресе противничкиот гол и да ја зголеми нашата предност. Две минути беа доволни Македонија да постигне уште еден гол, трет во мрежата на Косово. Един Етоски се најде на вистинското место и го матираше противничкиот голман, постигнувајќи го својот втор гол на натпреварот кој се одигра вчера. Капитенот Стефан Младеновски го постигна четвртиот погодок за нас во 77. минута. Минута подоцна истиот играч погоди за убедлива предност на Македонија од 5:0.

Косово до крајот на мечот успеа само да го ублажи триумфот на Македонија, за конечен резултат 5:1.