
Личните документи кои се внатрешна употреба, како на пример личните карти, со старото име Република Македонија ќе важат и по истекот на рокот за промена, потврди денеска премиерот Ковачевски. Тој посочи оти во однос на внатрешната употреба нема да има никаков проблем, но ќе мора да се разгледуваат иницијативите и опциите за пасошите, кои, пак, се користат за излез од државата.
„Прво има неколку типови лични документи. Оние коишто се за внатрешна употреба, на пример личните карти, ќе важат, а пасошите не се вадат заради институциите, туку се вадат за граѓаните да можат да патуваат, бидејќи вие со пасош патувате надвор. Јас кажав дека секоја иницијатива може да биде разгледана, секако дека Уставниот суд ќе го каже своето мислење. Ние имаме разговарано во однос на тоа“, рече Ковачевски.
На крајот на минатата година министерот Спасовски посочи дека повеќе од половина од личните документи на граѓаните се променети. За ваква бројка денеска извести и премиерот Ковачевски, кој потенцираше дека службите во МВР ќе продолжат со истата динамика на издавање лични документи.
„Министерството за внатрешни работи, поточно вработените во Министерството, веќе имаат издадено 1.200.000 пасоши во државата, што значи дека тие, навистина, работат со големо темпо. Јас знам дека сите сакаат повеќе да критикуваат, меѓутоа треба да се каже и фала на тие вработени коишто работат деноноќно и на фотографирањето на граѓаните и на изработката на документите и на издавањето, така што тоа не е мала бројка. Верувам дека ќе продолжат со такво темпо, а ние ќе ги испитаме сите можности сѐ со цел, доколку има потреба, да се направи пролонгирање во делот на пасошите, бидејќи пасошите се за надворешна употреба“, додава Ковачевски.
Предлог за пролонгирање на рокот дојде и од претседателот Пендаровски, кој рече оти рокот може да се одложи до септември или октомври, а за тоа да биде известена и Грција со образложение дека, како што рече, немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор.
Ребека Спасова М-Нет