Лидерот Проект го декласираше штипски Мал Ајакс, Шкупи постигна 15 гола за триумф, три бода за Осогово

Мал Ајакс го запиша десеттиот пораз сезонава во Првата футсал лига, откако загуби во Валандово од непоразениот лидер Проект со резултат од 7:2 во рамки на 13. коло.

За тимот од Штип стрелци беа Давид Тошев и Теодор Наков, а пак Андреј Трајанов си постигна автогол. За тимот од Јосифово стрелци беа Давид Ристовски кој постигна два гола, а по еден гол постигнаа Ѓорги Коцевски, Марио Благојевски, Никола Анчевски и Димитар Јанев.

Во меч со 25 гола екипата на Шкупи со 15:10 славеше над Јувентус Серава и со тоа освои три многу важни бодови и направи голем исчекор кон опстанокот во елитата.

Голем триумф славеше и Осогово над Форца, во реприза на ланското Куп финале, овој пат тимот од Крива Паланка со 6:4 беше подобар од кумановскиот тим.

Бутел и Кеги Моби го одиграа единствениот меч без победник, а на кој беа постигнати осум гола за делба на бодовите, откако ремизираа играјќи 4:4. Без проблеми екипата на Клими со 9:4 славеше над дебитатот Балкан.

Проект е лидер со 39 бодови и има дури десет повеќе во однос на Кеги Моби кој е втор со 29 бодови, а пак актуелниот шампион Форца е трет со 22 бодови. На делба на четвртото место со по 18 бодови се екипите на Клими и Бутел, Јувентус Серава е шести со 15 бодови, а пак со по 14 бодови екипите на Шкупи и Осогово го делат седмото место.

Во зоната за директно испаѓање во Втора лига се Мал Ајакс од Штип и Балкан со по девет бодови. Овие две екипи кои минатата сезона водеа тешка борба во второлигашкото друштво за да обезбедат влез во елитата, сега се на добар пат и експресно да се вратат назад во Втора лига.

До крајот остануваат уште пет кола, а од коло во коло станува јасно дека Штип ќе остане без прволигашки футсал, а пак Балкан како дебитантот ќе има само репризна улога во Првата футсал лига.

Веќе следното коло многу работи може да ги реши. Ако Шкупи го добие Балкан тогаш веќе дебитантот ќе биде со една нова во Втора лига, многу работи ќе зависат и од Осогово, кој ако слави над Јувентус Серава ќе направи голем чекор кон опстанокот.

Проект како фаворит ќе гостува кај Кеги Моби, Мал Ајакс дома ќе игра против Клими во меч кој за штипјани ќе биде се или ништо – трите бодови ќе мора да останат во градот под Исарот, во спротивно Мал Ајакс ќе биде на излезна врата од Прва лига.

Актуелниот шампион Форца на домашен терен ќе се соочи со Бутел, во дерби меч.

Александар Ванев, М-Нет