Лидерот Еуромилк ГЛ е во победничка форма, бод за Пчиња, Ржаничино убедлив со шест гола!

Вчера се одиграа натпреварите од вонредното 9. коло на Третата македонска фудбалска лига – Север, а лидерот Еуромилк ГЛ ја продолжува победничката форма откако славеше во дербито со БВК Коњаре со резултат од 2:3.

Некогашниот прволигаш од Горно Лисиче е осамен на врвот од табелата и продолжува да го трасира патот кон баражот за Втора лига.

Тимот на Отља доживеа нов пораз откако загуби од Фортуна со 1:2 на домашен терен, па така новиот третолигаш останува на дното од табелата како единствен тим кој нема освоено бодови.

Конечно радост за Кадино – некогашниот второлигаш на домашен терен со 4:2 го доби тимот на Беса од Сарај, па така стигна до вториот триумф и се обидува да фати приклучок кон средишниот дел од табелата.

Башкими Љуботен со убедливи 3:0 на домашен терен славеше сигурна победа над Студеничани, а пак Пчиња која игра во одлична форма и сака да го напаѓа врвот на Северот ремизираше на гостински терен против Лопате играјќи 1:1.

Дербито меѓу Аеродром и Куманово му припадна на домаќинот кој со 2:1 беше подобар, а екипата на Куманово го доживеа првиот сезонски пораз.

Највисока победа забележа екипата на Ржаничино која на домашен терен го декласираше тимот на Беса Слупчане, славејќи победа од убедливи 6:1.

Еуромилк ГЛ е прв во Трета лига – Север со 25 бодови, некогашниот прволигаш остана единствениот тим кој не е поразен и има пет бода предност во однос на Пчиња која е втора со 20 бодови, а токму има и Аеродром кој е трет.

Куманово со 19 бодови е на четвртото место, но има мепомалку, а на петото место е БВК Коњаре со 17 бодови, но и меч помалку, па по одигрувањето на овие заостанати натпревари од претходното коло кои беа одложени поради обилните врнежи од дожд ќе биде комплетирана самата табела која може да направи промени околу второто и третото место.

Александар Ванев, М-Нет