На денешната седница на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, прифатен беше амандманот на Левица за бришење на член 13 од предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина. Со ова, појаснуваат од партијата, се спречува укинувањето на законската рамка за идентификација, управување и санација на контаминираните подрачја, односно еколошките жешки точки во Македонија.
Образложувајќи го амандманот, пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, предупреди дека државата наместо да ги санира опасните индустриски наследства, предлага укинување на законските механизми со кои треба систематски да се решаваат овие проблеми.
„Во Македонија има повеќе еколошки жешки точки. Тоа се контаминирани подрачја, остатоци од поранешни индустриски капацитети и рудници кои зад себе имаат оставено канцероген отпад кој е штетен по животната средина и по здравјето на луѓето“, истакна Јанчев.
Како особено загрижувачки примери ги посочи Лојане и Ваксинце, каде што се наоѓаат стотици илјади тони јаловина со арсен и антимон, како и илјадници тони арсенов концентрат.
„Во Лојане и Ваксинце има околу 450.000 тони јаловина на арсен и антимон и околу 10.000 тони чист арсенов концентрат. Ова е канцероген отпад кој стои на отворено и е во прашкаста форма. При секој ветер тој се крева во воздух и се разнесува до локалното население, коешто овој канцероген материјал го дише“, нагласи Јанчев.
Тој предупреди и на опасноста од шестовалентниот хром во близина на поранешниот индустриски комплекс „Југохром“, посочувајќи дека станува збор за канцерогена материја растворлива во вода, која може да навлезе во подземните води.
„Во близина на Југохром има илјадници тони на шестовалентен хром. Тоа е исто канцерогена материја која се наоѓа само на неколку километри од изворот Рашче, од којшто пијат околу половина милион жители вода во Скопје, или со други зборови, една третина од Македонија пие вода оттаму“, истакна Јанчев.
Според него, ваквата состојба бара систематска санација, а не укинување на законските механизми. Тој потсети дека уште во 2007 година била изработена студија за еколошките жешки точки, додека законска рамка за нивно управување била воспоставена во 2022 година, по искуството со ад хок решавање на проблемите.
„И наместо после дваесет години од оваа студија овие жешки точки да бидат санирани и да заборавиме на нив, сега ние сме во ситуација кога имаме предлог-закон којшто предвидува бришење на правната регулатива на овие четири члена и враќање на ситуацијата пред 2022 година“, предупреди Јанчев.
Тој ја оспори и аргументацијата дека укинувањето на овие одредби е неопходно за усогласување со европското законодавство, посочувајќи дека Директивата 2014/52/ЕУ се однесува на постапките за оцена на влијанието врз животната средина, додека одредбите што се предвидуваше да се избришат ја регулираат санацијата на веќе контаминирани подрачја.
„Ова е повторно враќање назад. Ова е чекор назад. Кај доцниме како држава дваесет години, па сега имаме предлог којшто предвидува да се вратиме уште четири години наназад“, порача Јанчев.
Со прифаќањето на амандманот на Левица, додаваат од партијата, се зачувува законската основа за систематско решавање на еколошките жешки точки. „Левица ќе продолжи да се спротивставува на законските измени што ја ослабуваат заштитата на животната средина и ќе инсистира институциите конечно да преземат одговорност за санација на контаминираните подрачја, наместо опасниот индустриски отпад да остане товар што го носат граѓаните“.
Текстот (Видео) Левица: Во Македонија има повеќе еколошки жешки точки кои зад себе имаат оставено канцероген отпад е превземен од МАКФАКС.